Вицепремиерот Маричиќ во пресрет на посетата на австриската министерката, во понеделникот се сретна и со амбасадорот на Австрија, Георг Вуцас, кој, како што соопштија од СЕП, дал позитивен коментар за новото темпо на преговори со Република Бугарија и за изнаоѓање заемно прифатливи решенија

Сојузната министерка за ЕУ и уставни прашања на Австрија, Каролине Едштадлер, денеска ќе престојува во еднодневна официјална посета на земјава.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Едштадлер ќе има билатералната средба со нејзиниот домаќин, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на која во фокусот ќе бидат евроинтеграциската перспектива на регионот, односите со Бугарија, како и безбедносната криза.
Во рамки на официјалната посета на Скопје, австриската министерка ќе се сретне и со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, а планирана е и нејзина средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во понеделникот Маричиќ имаше средба и со австрискиот амбасадор во земјава, Георг Вуцас, со кого разговараа на истите теми, како и за посетата на Едштадлер.

Како што соопштија тогаш од СЕП, амбасадорот Вуцас дал позитивен коментар за новото темпо на преговори со Република Бугарија и за изнаоѓање заемно прифатливи решенија во духот на европските вредности. Маричиќ, пак, на средбата потенцирал дека земјава е целосно подготвена за отпочнување на пристапните преговори со Унијата и затоа е неопходно да се одговори на предизвиците во разумен рок.