„Нешто што не смее да се дозволи е притисокот на професорите, на академската фела. Значи ќе работат под притисок да мора да се објавуваат толку и толку научни труда во такво и такво списание“, вели потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, кој е доцент на Медицинскиот факултет при УГД
Предлог-законот за високо образование мора да претрпи корекции, дециден е потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, кој воедно е и доцент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Тој вели дека огромни се реакциите во фелата, а обвинува дека ресорната министерка, Весна Јаневска, „сè тоа го гледа со некои розови очила и пробува да го балансира колку може“.
Александар Трајановски: Главните две забелешки според мене лично се, прво, нарушување на автономијата на самиот факултет преку советот, каде што ќе има инфилтрирани луѓе од Министерство за образование, со што тука се става рака од Министерството.
360°: Мислите на универзитетските совети.
Александар Трајановски: Да, апсолутно. И второ, нешто што не смее да се дозволи е притисокот на професорите, на академската фела. Значи ќе работат под притисок да мора да се објавуваат толку и толку научни труда во такво и такво списание.
Обвинува дека професорите ќе се соочат со притисок во работењето.
Александар Трајановски: Вие имате едни услови за да ве изберат во звање, а други потешки услови за да го задржите звањето. Тоа го нема никаде, примарно. Второ, се укинуваат, ми се чини сега ако се прави законот за квалитет Советот, се укинуваат Одборот за акредитација и Одборот за еволуција. Значи само Агенцијата за квалитет останува.
360°: За Александар Трајановски тешко ли е да објави за избор во вонреден професор 7 труда, од кои 4 во Web of Science?
Александар Трајановски: Видете, за мене не е тешко да објавам. Не е спорно тоа дали е тешко, ама зошто да работам под притисок дека морам да ги објавам во Web of Science? И збориме со еве и H-индексот што го збориме, дека со H-индексот, така, тоа ќе биде главно мерило за унапредување во звања.
360°: Тоа е поврзано со цитираноста, така?
Александар Трајановски: Со цитираноста, значи таму не е колку сте објавиле, туку колку ве цитирале. Па, како тогаш еве ќе ја земеме нејзината влада – прво професорката Силјановска H-индекс има еден, премиерот Мицкоски има H-индекс еден. Како тие ќе го задржат своето право за професори? Значи, и второ, тука, сакам да кажам нешто – дали мислите вие дека со ова се отвора вратата за непотизмот? Буквално. Не го спречува никако непотизмот, затоа што деца кои се на професори ќе можат многу полесно да се пишуваат како коавтори и да ги прескокнат овие студенти кои не можат туку-така лесно да стигнат до објавување на трудови.
За него, дискриминација е и членот од нацрт-законот за високо образование со кој се пропишува кои се т.н. студии од јавен интерес што ќе може да се организираат само на јавни и јавно-приватни универзитети. Таму се вброени и студиите по медицина.
360°: Сега има ли по медицина факултет приватен?
Александар Трајановски: Нема сè уште.
360°: А има ли некаде капацитет?
Александар Трајановски: Можеби има план, можеби има план… па, зошто да не? Зошто да не, ако ги исполнува сите соодветни критериуми и услови? Зошто да нема медицински факултет приватен, да речеме? Ако може да има и приватни други факултети, зошто да нема медицински приватен факултет, ако ги исполнува, мора да ги исполни сите критериуми.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
