„Како е можно ДУИ да го обвинува Изет Меџити за дозвола потпишана и издадена во време кога министер е Насер Нуредини? Како е можно партијата што 20 години раководи со ресорот животна средина да го обвинува Меџити, кој е министер за една и пол година? Како е можно ДУИ да е толку отуѓена од реалноста и вака дрско да ги потценува граѓаните“, пишува во реакцијата од оваа коалиција
Коалицијата ВЛЕН денеска излезе со обвинување дека токму Демократската унија за интеграција (ДУИ) е партијата што ја дала дозволата за работа на фирмата за електронски отпад во скопско Трубарево, во чиј објект во саботата избувна пожар. Оваа реакција доаѓа откако денеска ДУИ излезе со критика кон министерот за животна средина и просторно планирање и прв вицепремиер Изет Меџити обвинувајќи го за негрижа и неодговорност по пожарот во скопската населба Трубарево, како и дека додека градот бил обвиен во токсичен чад од изгорена пластика и гуми, тој бил невидлив за јавноста.

„Отпадот се наоѓа во населено место, веднаш до градот Скопје, а потписот на дозволата за работа е на министер, личен избор на Али Ахмети и близок и личен другар на Бујар Османи. Но, Османи е во тежок зорт кога почна да си ги мести и своите сопартијци, во овој случај неговиот довчерашен колега Насер Нуредини“,
пишува во реакцијата од ВЛЕН.
Според коалицијата, ДУИ се обидува да ја префрли одговорноста врз други, но дека сите знаат оти оваа партија е главниот виновник за еколошката катастрофа што деновиве ја живее Скопје и целата држава.
„Како е можно ДУИ да го обвинува Изет Меџити за дозвола потпишана и издадена во време кога министер е Насер Нуредини? Како е можно партијата што 20 години раководи со ресорот животна средина да го обвинува Меџити, кој е министер за една и пол година? Како е можно ДУИ да е толку отуѓена од реалноста и вака дрско да ги потценува граѓаните“,
прашуваат од ВЛЕН.
Оттаму додаваат дека за две децении на чело на секторот екологија ДУИ создале депонија во центарот на Тетово, во центарот на Кичево, до Струга, како и десетици депонии околу Скопје.
ДУИ, како што додаваат од ВЛЕН, управува и со јавното претпријатие за отпадот во Скопје.
„Директорот е нивни кадар. Ако денеска Скопје се гуши во чад и отрови, тоа е директна последица на нивното партиско владеење и нефункционалност на институциите под нивна контрола. Додека граѓаните живееја во загаден воздух и отровна почва, функционерите на ДУИ купуваа трговски центри, фотоволтаични централи и нафтени бизниси“,
велат од коалицијата.
Од ДУИ, пак, денеска посочија и дека во моментите кога Скопје беше обвинено со токсични облаци, со мирис на изгорена пластика, гуми и батерии, граѓаните очекуваа информации, препораки и апел за заштита, но оти Меџити не понудил мерки и решенија.
За него, како што посочија, поважно било да се појави на партиски активности, како ништо да не се случило.