„Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог“, кажа тој
Секој има право да протестира, вели премиерот Христијан Мицкоски за протестот што утре попладне треба да се случи во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), а на кој се бара покачување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите други плати за сто евра.

Премиерот посочи дека минималната плата законски се зголемува во март.
„Согласно законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог“,
рече тој, одговарајќи на новинарски прашања при неговата денешна посета на Општина Гази Баба.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за утре во 17 часот најави протест во Скопје. Главното барање е зголемување на минималната плата од сегашните 397 евра на 600 евра, како и на сите други плати за сто евра.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вчера во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, даде одговори зошто протестот е закажав за в среда и зошто во 17 часот, но и зборуваше за следните чекори по неговото одржување.
Трендафилов вели дека протестот, симболично, ќе почне од Работничкиот дом затоа што тоа е местото од каде што работниците ги искажуваат своите барања. Потоа ќе продолжи до Собранието, па пред Стопанската комора, за на крај да заврши пред зградата на владата.
Според него, Законот за минималната плата во 2022 година бил променет на ист начин, односно со протести и штрајкови, бидејќи и тогашната влада имала игнорантен однос кон работниците, како и актуелната.
Ако протестот не даде резултат, Трендафилов најавува блокирање на клучни институции, генерален штрајк и собирање 10 000 потписи за предлагање законски измени во Собранието. Тој вели дека работодавачите се подготвени да се согласат со зголемување на платите под услов Владата да ги покрие придонесите за покачувањето за одреден временски период.
