Минатата недела се одржаа два состанока на Економско-социјалниот совет, но сè уште не е донесена конечна одлука околу тоа кога и за колку ќе биде зголемена минималната плата, а дијалогот помеѓу работодавачите, синдикатите и Владата ќе продолжи денеска. Во меѓувреме, Сојузот на синдикати е веќе во штрајк поради, како што велат, „немање слух од работодавачите и срамните предлог-решенија кои ги вадат на секој ЕСС за да купуваат време кое ние го немаме!“
Македонскиот работник зема меѓу најниските минимални плати во регионот, или околу 250 евра, а пониска од него зема единствено работникот во Албанија, каде што минималецот изнесува 236 евра.
Сите други држави во регионот земаат поголема минимална плата. Највисок е минималецот во Словенија каде што изнесува 749 евра, по што следува Хрватска со 569 евра. Во Црна Гора, по усвојувањето на измените на Законот за работа, од јануари минималната заработувачка изнесува околу 450 евра. Во Србија се исплаќа минимална плата од околу 300 евра, а во Бугарија околу 280 евра.
Во моментов во земјава се во тек преговори помеѓу социјалните партнери за зголемување на минималната плата, кои се очекува да продолжат во текот на денешниот ден.
Синдикатите бараат минималецот веднаш да се зголеми на 18 000 денари, со оглед на зголемените трошоци на живот и енергетската криза во која се наоѓаме. Работодавачите се на став дека минималната плата би требало да изнесува над 16 300 денари, а дел од нив излегоа и со предлог да се субвенционира зголемување на минималната плата. И Владата е на став оти минималната плата во земјава треба да се зголеми, но како што велат оттаму, таа одлука треба да се донесе на трипартитно ниво вклучувајќи ги и ставовите на работодавачите и синдикатите.
Минатата недела се одржаа два состанока на Економско-социјалниот совет, но сè уште не е донесена конечна одлука околу тоа кога и за колку ќе биде зголемена минималната плата.
Во меѓувреме, Сојузот на синдикати е веќе во штрајк поради како што велат, „немање слух од работодавачите и срамните предлог решенија кои ги вадат на секој ЕСС за да купуваат време кое ние го немаме!“