Како што се зголемува минималната плата да се зголемат и другите плати кај јавните службеници врз основа на коефициентот на сложеност, сметаат тие
Собраниската расправа за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата која започна денеска и со кој минималната плата ќе изнесува 18 000 денари, ќе продолжи утре напладне.
Во денешната расправа, пратениците од опозициските партии го критикуваа мнозинството што не ги прифати нивните амандмани за скалесто покачување на платите во јавниот и во приватниот сектор.
„Многу други работници – вработени во јавниот сектор, со оваа законско решение ќе бидат дискриминирани. Имате шанса да го корегирате оваа законско решение. Стоиме на располагање. Сметаме дека доколку нашето амандманско решение го земате како пример за измена и дополнување на законот за минимална плата, тогаш можеме да зборуваме за фер пристап на државата кон сите вработени во приватен и јавен сектор“,
рече Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не гледам пречка на колегите од опозиција, зошто не сме прифатиле нивни амандмани, бидејќи со нив сакаат директно да извршат упад во матичните закони по сектори и во колективните договори, а претставуваа и суспензија на социјалниот дијалог“,
одговори пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
За Аднан Незири од Алијанса за Албанците зголемувањето на минималната плата наметнува и повлекува можност за зголемување и на другите плати. и го претстави нивниот предлог – еквивалентно зголемување, како што се зголемува минималната плата да се зголемат и другите плати кај јавните службеници врз основа на коефициентот на сложеност.
„Зголемувањето по закон без притоа да се засноваме на економскиот раст, не се ефикасни, бидејќи сето тоа може да доведе до други проблеми. Зголемување што само со закон се воведува а не подразбира и усогласување со економскиот раст подразбира сива економија, отпуштање на вработени. Не треба само да ги зголемиме платите, туку и да создаваме и услови за економски раст“,
рече Незири.
Претходно, на почетокот на расправата, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, образложувајќи го Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, рече дека тој е подготвен во дијалог со работодавците и работниците, и е донесено решение кои го поддржуваат сите, а тоа е минималната плата да биде 18 000 денари.
Таа нагласи дека очекува порастот на минималната плата да влијае позитивно за порастот и на останатите плати, со што, како што рече, ќе се подобри стандардот на граѓаните.