Синдикалната минимална кошница е зголемена за 319 денари во споредба со минатиот месец

За 319 денари е зголемена вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава. Таа изнесува 65 492 денари.
Ако, пак, на тоа се додаде и изнајмување стан од 60 квадратни метри, за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23 640 денари, за образование 7 159 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6 130 денари, облека и обувки 5 875 денари, транспорт 4 636 денари, ресторани и хотели 4 131 денар, комуникации 3 417, лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2 620 денари.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на 17 месецов најави дека од 1 јануари, освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка, и тие како влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство.
За ова ќе се разговара на Економско-социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделник).
„Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината“,
изјави Ристески.
