Според Минчев, правичната застапеност на етничките заедници е многу важна уставна категорија. Тој потенцира дека владината коалиција има политички капацитет да почне со дијалог за да се најде соодветно решение кое би било согласно Уставот, но, како што нагласи, не треба да се брза, туку да се отвори широка и јавна дебата
Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд за укинување на алатката „балансер“ и, како што нагласи, министерството кое тој го предводи не навлегува во содржината на одлуките, туку ги спроведува и применува.
„Министерството за јавна администрација не ја коментира одлуката на Уставниот суд. Исто како и во првиот случај кога беше донесена времена мерка за стопирање на примената на одредени одредби од два закони кои се однесуваат на јавниот сектор и на административните службеници, така и сега министерството не навлегува во содржината на одлуките, туку истите ги спроведува и применува. Првиот пат дадовме конкретни инструкции и насоки или пак упатство до сите државни институции, сега сепак би почекал да излезе комплетната содржина за оваа одлука од страна на Уставниот суд во службен весник и притоа би пристапиле кон реализација на истата“,
рече Минчев одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада.
Според Минчев, правичната застапеност на етничките заедници е многу важна уставна категорија. Тој потенцира дека владината коалиција има политички капацитет да почне со дијалог за да се најде соодветно решение кое би било согласно Уставот, но, како што нагласи, не треба да се брза, туку да се отвори широка и јавна дебата.
Коментирајќи ја синоќешната прес-конференција на ДУИ, им порача на интегративците да почнат да се занимаваат со реформи, но реформите да не ги насочуваат кон јавната администрација, туку кон себе.
„Во Националната стратегија за реформи во јавната администрација 2023/30 година, која што ја има донесено како одлука минатата Влада, имаме ситуација во која ДУИ како учесник во Владата поддржала иницијатива во која што се констатира дека се надминува ‘потребата од примената на алатката ‘балансер’, која во пракса предизвикува многубројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото и соодветната и правична застапеност на припадниците на заедниците’. Тоа значи дека Арбер Адеми вчера имаше прес-конференција против својот поддржувач кој што стоеше веднаш до него, кој во минатото беше дел од Владата – Крешник Бектеши. Би ја поздравил идејата на ДУИ да се занимаваат со реформи, но би им препорачал тие реформи да не ги насочат кон реформите во јавната администрација, туку кон себе. Да ја реформираат својата партија, затоа што единствените реформи кои што ги направија во минатиот мандат, се реформите на зголемување на контото на своите приватни сметки и реформите кои што се зголемување на стапката на криминалот. Треба да сфатат дека се опозиција“,
рече Минчев.
Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката, како што соопштија од Судот, нема да важи ретроактивно.
Претседателот на судот Дарко Костадиновски на прес-конференција по седницата, оцени дека со овој потег Уставниот суд не ги укинал права на заедниците, а таквите тврдења ги оцени како лага и манипулација.
„Манипулација е и дека судот со своето постапување по овој и кој било друг предмет може да ги наруши политичките или етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Секој, вклучително и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на судот, не да ги политизираат или да ги етнизираат. На нашето постапување и на нашите одлуки треба да гледаат како заштита на Уставот и заштита на правото. Ќе повторам дека не одат заедно јавно прокламираните заложби од секого за европски стандарди и владеење на правото и политизацијата и етнизацијата на постапувањето на судот“,
рече тој.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата по етнички клуч.
„Шокантната“ одлука на Уставниот суд да го укине „балансерот“ опозициската ДУИ доцна синоќа на прес-конференција ја оцени како тежок удар врз мултиетничката стабилност на државата, а портпаролот на партијата Арбер Адеми не ја исклучи можноста од протести.
„Оваа одлука е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, бидејќи институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички реалитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците. Денес повеќе од кога било се соочуваме со сериозна криза на соживотот на правото на еднакви можности. Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено“,
изјави Адеми.
Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, реагираше дека одлуката за укинување на „баланесрот“ е само потврда за антиалбанската политика на Владата.
„Покорувањето на вазалите во оваа Влада ги надмина дури и очекувањата на нивните господари. Времената мерка воведена пред неколку недели беше само мерење на пулсот, дали ќе има реакција и последици од албанските партнери во Владата. Но, неодговорното однесување и често образложението на одлуката, од страна на претставниците на ВЛЕН, ги тешеше сите заинтересирани фактори за укинување на „балансерот“,
соопштија од партијата.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџети најави дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“. Како што посочи тој, дел од предлозите кои „Вреди“ ќе ги понуди во нацрт-законот ќе бидат евиденција или регистар за етничка припадност во јавната администрација, на нотар заверена етничка припадност на кандидатот при вработување, бонус бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ е потребен на институцијата и т.н.
Министерот за здравство Арбен Таравари, пак, денеска информираше дека законот е готов и сега очекувале мислења од меѓународни експерти и од Европската комисија.