„Имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на т.н. управни и надзорни одбори или со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Секако, ќе следува и спојување на одредени институции со други, со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ, а тоа е 40 отсто кратење на буџетските корисници“, изјави денеска министерот за јавна администрација
Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска најави нов сет законски мерки кои, како што кажа, треба да резултираат со департизација, едукација и рационализација на вработените во јавниот сектор, како дел од реформите што ги бара Европската Унија.

„Освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет три нови закони, за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа“,
изјави Минчев одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер, по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу двете земји за јакнење на капацитетите и професионализација на јавната администрација.
Според министерот, партизацијата, пријателските и роднинските вработувања изминатите 30 години ја довеле администрацијата во состојба да биде нефункционална, гломазна, бавна и неефикасна.
„Имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на т.н. управни и надзорни одбори или со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Секако, ќе следи и спојување на одредени институции во други со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ, а тоа е 40 отсто кратење на буџетските корисници“,
рече Минчев.
Говорејќи во таа насока, тој додаде оти сме сведоци дека имаме голем број институции кои имаат по еден или двајца вработени или се формирани во минатото за да задоволат нечии политички или партиски потреби. Сето тоа, како што рече тој, внимателно ќе го разгледаат и во наредниот период, низ јавна расправа ќе се направи обид да се дојде до најдоброто решение, овие институции да влезат во рамките на другите, со цел јавната администрација да биде помала и поефикасна.
Претходно, тој рече дека досега донеле пакет од четири закони кои ги сметаат за чекор напред кон реформите на администрацијата.
„Почнуваме не само со едукација на новите вработени во јавниот сектор, туку и со одржување континуитет на знаењето на останатите кои треба да ги следат модерните трендови и европскиот процес. Крајната цел е да им дадат подобри услуги на граѓаните. Значи, освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет три нови закони, за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа“,
кажа министерот.
Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, прашан за коментар околу критиките на опозицијата дека реформите не се спроведуваат, рече дека овие процеси не треба не треба да се сметаат како обврска што треба да се исполни затоа што Европската Унија го бара тоа, туку треба да се сфатат како нешто што е добро и позитивно и од кое бенефит ќе имаат сите граѓани на оваа земја.
Амбасадорот рече дека тие одблизу го следат спроведувањето на реформите и реформскиот процес и потсети дека набргу ќе биде објавен извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на сите држави кандидатки за влез во ЕУ, меѓу кои и за земјава.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во своето обраќање на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, меѓу другото рече дека ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина.
Тој упати и апел до министрите, директорите и градоначалниците да се осигураат дека секој вработен во институциите со кои раководат ќе има пристап до обука, менторство и можност за професионален развој.
„Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било. Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија“,
порача премиерот.
Во јавниот сектор во Македонија, како што пишува Дојче веле, се активни 1 371 институции, во кои се вработени 128 879 лица. Според податоците од Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, во однос на 2022 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е намален за 495.
Анализите покажуваат дека со секоја промена на власта од 2018 година наваму, има значителен раст на редовно вработените во јавниот сектор.