Претседателот на Бугарија, Румен Радев, претходно изјави дека прво треба да го слушне премиерот Кирил Петков на темата за Северна Македонија, притоа не прецизира дали ќе го свика Консултативниот совет за национална безбедност за да се расправа за ова прашање како што побара Петков во петокот
Претседателот на Народното собрание на Бугарија, Никола Минчев, изјави дека дијалогот меѓу Бугарија и РС Македонија достигна највисоко ниво, јави БГНЕС.
„Секако дека дијалогот во последните неколку месеци е на највисоко ниво во однос на претходните години. Сметаме дека тоа доведе до развој поради што е и желбата на Продолжуваме со промената, изразена од премиерот Кирил Петков, да се одржи Консултативниот совет за национална безбедност на кој ќе се подготви извештај од МНР“,
изјави денеска Минчев.
Тој оцени дека по ова мора да се заземе национален став бидејќи „таков е составот на Советот.
„Да имаме состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, да имаме извештај од МНР и тоа ќе ни го покаже развојот по сите точки“,
додаде претседателот на бугарското собрание.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, претходно изјави дека прво треба да го слушне премиерот Кирил Петков на темата за Северна Македонија, притоа не прецизираше дали ќе го свика Консултативниот совет за национална безбедност за да се расправа за ова прашање како што побара Петков во петокот.
Во изјавата што ја пренесуваат бугарските медиуми, Радев порачува дека не може да се преговара ниту за интеграцијата на Северна Македонија ниту за прашањето за заштита на воздушниот суверенитет на Бугарија бидејќи, како што вели, за човековите права не се преговара и нема пазарење.
Премиерот Петков денеска од Ватикан повторно побара претседателот Румен Радев да го свика Советот за национална безбедност за преговорите со Северна Македонија бидејќи од последниот состанок поминале шест месеци.
„Оттогаш се случија многу работи, имаше многу разговори, имаше многу различни предлози, имаше многу различни светски лидери кои го искажаа својот став на оваа тема, има многу информации од службите. И нема подобар формат – да седнеме сите на маса и да разговараме за нашата позиција и кои чекори треба заедно да ги преземеме понатаму“,
изјави Петков по аудиенцијата кај папата Франциск.