Генералниот директор на УНЕСКО Одре Азуле вели дека во 2021 година „премногу новинари ја платиле цената за изнесување на вистината на виделина“
Од Хаити пристигна вознемирувачка вест – двајца новинари биле застрелани, а потоа живи запалени во предградијата на главниот град Порт О Пренс
Во светот во 2021 година се убиени 55 новинари и медиумски работници, покажуваат податоците на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).
Иако ова е најмалиот број на убиени новинари и медиумски работници за повеќе од десет години, УНЕСКО наведува дека неказнивоста за овие злосторства е сè уште „алармантно распространета“, пренесува порталот Политико.

Од сите убиства на новинари од 2006 година, 87 отсто и натаму се нерешени.
Други форми на насилство, како што се затворање, физички напади и заплашување, претставуваат дополнителна закана за новинарите ширум светот, потенцираат од УНЕСКО.
Генералниот директор на УНЕСКО Одре Азуле вели дека во 2021 година „премногу новинари ја платиле цената за изнесување на вистината на виделина“.
„На светот му требаат повеќе независни информации засновани на факти од кога било досега. Треба да направиме повеќе за да се осигураме дека оние кои неуморно работат на тоа, можат да го сторат тоа без страв“,
рече Одре Азуле.
Во 2021 година, два региона беа особено опасни за новинарите, каде што е забележан најголем број убиства – во азиско-пацифичкиот регион загинаа 23 новинари, а во Латинска Америка и Карибите 14.
Опсерваторијата на УНЕСКО забележа и две убиства во Европската унија. Грчкиот новинар Јоргос Караиваз беше убиен во Атина во април, а холандскиот новинар Петер де Вриј во Амстердам во јули.
УНЕСКО, исто така, истакнува дека новинарите се соочуваат со „шокантна распространетост“ на вознемирување на Интернет.
Ѕверски убиени двајца новинари на Хаити
Речиси исто истовремено кога УНЕСКО ги објави податоците за минатата година, од Хаити пристигна вознемирувачка вест – двајца новинари биле застрелани, а потоа живи запалени во предградијата на главниот град Порт О Прeнс, потврдил работодавецот на еден од нив.
Вилгенс Луизијан и Амади Џон Весли отишле да известуваат од област каде спротивставените банди се борат за превласт, објави Би-би-си.
Интернет радиото „Екут“ објави дека Весли бил „дивјачки убиен“ додека известувал од тоа подрачје. Извор од безбедносните служби изјави за Си-ен-ен дека новинарите се живи запалени, додека друг неименуван извор за Ројтерс изјавил дека има уште еден новинар кој успеал да им побегне на убијците.

Безбедносната ситуација на Хаити драстично се влоши по атентатот на претседателот Жовел Моиз во јули минатата година.
Во саботата беше извршен обид за атентат врз премиерот Ариел Хенри, кој најави дека државата ќе се справи со бандите одговорни за бранот киднапирања низ земјата.