Статусот на пратеникот, кој преку официјално соопштение од ВМРО-ДПМНЕ беше испратен до медиумите, содржи и два принтскрина од изјави на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел објавени во македонските медиуми од 2018 и 2020 година
Како држава, подобро е да бидеме претпазливи кон ветувањата што ни ги дава Европската Унија отколку повторно да останеме разочарани.

Ова во објава на својот профил на Фејсбук утринава го напиша пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, коментирајќи ја изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц во која тој кажа дека стои зад ставот оти впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е последниот услов што земјава треба да го исполни за да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ.
„За да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека ‘нема да има нови услови од Бугарија’, освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така од владата во Берлин беа дадени сериозни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија“,
се наведува во статусот на Милошоски.
Статусот на пратеникот, кој преку официјално соопштение од ВМРО-ДПМНЕ беше испратен до медиумите, содржи и два принтскрина од изјави на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел објавени во македонските медиуми од 2018 и 2020 година.


Веста од септември 2018 година, која ја пренесува опозицискиот пратеник, носи наслов „Успешен референдум, предуслов земјата да биде дел од европското семејство“ и е изјава на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел во пресрет на референдумот кој се одржа истиот месец, а по кој земјава го промени своето уставно име.
Втората вест, пак, е објавена во јули 2020 година и носи наслов „Меркел: Првите поглавја со С Македонија и Албанија ќе бидат отворени оваа година“.
Неколку дена пред германскиот Бундестаг да ја усвои резолуцијата со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на земјата кон Европската Унија, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју ја поздрави иницијативата, но она што можеше да се заклучи од неговиот експлицитен наратив е дека бара гаранции за македонскиот идентитет и јазик од ЕУ, конкретно од лидерите на сите 27 земји членки, меѓу кои и Бугарија.
„Со Берлин ние никогаш сме немале проблеми околу нашиот идентитет. Ние не го правиме ова за да влеземе во заедница со таа земја членка на ЕУ, ние зборуваме за членство на Македонија во рамките на Европската Унија“,
рече во телевизиското интервју Мицкоски.