На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ има комуникација со струи во ДУИ, СДСМ, со Движењето на Максим Димитриевски и Никола Димитров, тој рече дека неговата партија во моментов има комуникација со своите коалициски партнери од Коалицијата за „Обнова на Македонија“ и со опозициските партии на Албанците – Беса и Алтернатива, за која сметаат дека е доволна
Освен јавните изјави кои ги даваме преку медиумите и меѓусебните реплики, во моментов нема ниту формална, ниту позадинска комуникација на власта со опозицијата, изјави вечерва пратеникот и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на Дневникот на Сител телевизија. Коментирајќи ги изјавите на функционери од власта дека во партијата постојат струи и крила кои би гласале за уставните измени, Милошоски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери се кохезивна група во Собранието.
„Ние единствено што гледаме е дека постојат крила во владејачките партии, во владејачката партија ДУИ. Очигледна е на јавната сцена. Имаме речиси секојдневни коментари, реплики, препукувања на едното со другото крило во ДУИ. Меѓусебно се обвинуваат за непотизам, висока корупција, притисоци, закани и слично. ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери се кохезивна група во Собранието. Освен јавните изјави кои ги даваме преку медиумите и меѓусебните реплики, во моментов нема ниту формална ниту позадинска комуникација на власта со опозицијата. Власта со арогантното однесување кон нашите два предлози дадени на лидерската средба и немањето желба нив сериозно да ги разгледа, ги сруши мостовите за комуникација“,
рече Милошоски.
Милошоски нагласи дека излез од оваа кризна, политичка, економска, инфлаторна ситуација е што поскоро да се оди на избори.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ има комуникација со струи во ДУИ, СДСМ, со Движењето на Максим Димитриевски и Никола Димитров, тој рече дека неговата партија во моментов има комуникација со своите коалициски партнери од Коалицијата за „Обнова на Македонија“ и со опозициските партии на Албанците – Беса и Алтернатива, за која сметаат дека е доволна.