Срамно, десната рака на Христијан Мицкоски и докажан извор на лажни вести, Антонио Милошоски отишол во Вашингтон да лобира Северна Македонија да не започне преговори за членство во ЕУ, реагираше владејачката партија на пораката на Милошоски од Вашингтон
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, од Вашингтон, каде што присуствува на конференција за трансатлантска безбедност, порача дека земјава и овој декември нема да добие датум за почеток на преговори, како и дека Албанија лобира за раздвојување од Северна Македонија.
Тој вели дека тоа произлегува од разговорите кои ги имал со колеги од Франција, Норвешка, Чешка, Словенија, Албанија и Литванија.
„Од разговорот со соговорниците произлегува заклучокот дека и овој декември Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Истиот неповолен исход се очекува и во периодот јануари-јули 2022 година. Во меѓувреме, Албанија вложува дипломатски напори да се раздвои од пакетот со Македонија за да си ги зголеми шансите самостојно да добие датум за преговори, но сè уште е неизвесно дали со оваа опција ќе ги убедат сите членки на ЕУ да донесат едногласна одлука за посакуваниот чекор на официјална Тирана кон Брисел“,
вели Милошоски.
СДСМ, пак, вели дека тој заминал во САД за да лобира против почетокот на преговорите со ЕУ и ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека е противник на евроинтеграциите.
„Срамно, десната рака на Христијан Мицкоски и докажан извор на лажни вести, Антонио Милошоски отишол во Вашингтон да лобира Северна Македонија да не започне преговори за членство во ЕУ. Наместо да бара ЕУ да донесе одлука што поскоро нашата држава да започне процес за преговори со Унијата, заслужени, за кои ги имаме исполнето сите услови, Милошоски го прави сосем спротивното, работи за блокада на евроинтеграциите. ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски е докажан противник на евроинтеграциите, партија која сака државата да ја врати назад во изолација, раскарана со соседите и демократскиот свет“,
велат од СДСМ.