Критиката на Милошоски кон Филков доаѓа еден ден откако министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, дел од владината коалиција „Вреди“, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ изјави дека од 100 километри се гледа неусогласеноста на „Вреди“ во владината коалиција
Министерот за правда има слаби перформанси, смета пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски. Оценувајќи ја работата на министерот Игор Филков, кој е од редовите на владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ партијата ЗНАМ – За Наша Македонија, Милошоски вечерва во Топ тема на Телма телевизија рече дека изнесува свој личен став.
„Ова е мој личен став. Јас сметам дека министерот за правда има слаби перформанси по однос на обврските коишто ги има преземено за реформите во правосудството“,
рече Милошоски, додавајќи дека во оваа област „има навистина слаб придонес од страна на Филков“.
Критиката на Милошоски кон Филков доаѓа еден ден откако министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, дел од владината коалиција „Вреди“, Арбен Таравари, во интервју за „360 степени“ изјави дека од 100 километри се гледа неусогласеноста на „Вреди“ во владината коалиција.
Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.
Тој исто така рече дека има контакти со ДУИ и дека такви контакти имале и лидерите на другите партии од „Вреди“.
Тие денеска ги демантираа наводите на Таравари.