Денеска пропадна уште еден обид, Комисијата за надворешна политика со која претседава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски, да почне дебата за односите со Бугарија
Претседавачот со собраниската Комисија за надворешни работи, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска во Собранието донесе макета на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на која тој е прикажан со маска со знакот „икс“, алудирајќи на тоа дека Димитров не доаѓа на комисиските седници на кои опозицијата иницира дебата за спорот со Бугарија.
„Собранието во секоја членка на ЕУ секогаш е место за демократска расправа меѓу министрите и пратениците, за најважните национални прашања! За жал, во Македонија министрите бегаат од Собранието и од пратениците“,
рече Милошоски.
Тој додаде дека пратениците од власта денеска не прифатиле на дневен ред да се стават и да се усвојат две точки кои предлагаат Собранието да ги осуди позициите содржани во објаснувачкиот меморандум на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции и Собранието да упати апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската комисија и до Европскиот парламент за да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.
Премиерот Зоран Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров се транспарентни, посебно кон парламентот кој ги избрал.
„Ние имаме обврска државата да оди напред и би било навистина дегутантно, глупаво и неодговорно да направиме што било што процесот на разговорите ќе го стави под прашање односно ќе предизвика нелагодни ситуации, како основи за непостигнување договор или слично. Не велиме дека сигурно ќе се постигне договор, постои голема веројатност да не се постигне договор, но остануваме оптимисти затоа што низ оптимизмот можеме да бидеме креативни и да изнајдеме решение“,
рече Заев.
Тој додаде дека опозицијата не е загрижена за иднината на државата и во последните години собира само политички поени.
„Се прави политиканство и политички поени од нешто што е стратешки интерес на државата, а тоа е првата меѓувладина конференција и старот на преговарчкиот процес, ако некој друг прави политиканство и само политички партиски интерес од оваа работа, за нас државата и интересот на граѓаните се пред сè и над сè“,
додаде Заев.