Како што соопштија од Основниот кривичен суд Скопје, на денешната главна расправа јавниот обвинител извршил прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт и ги преквалификувал кривичните дела кои им се ставаа на товар на тројцата преостанати обвинети во слулајот, во ставови за кои се предвидени поблаги казни кои по автоматизам повлекуваат и порано застарување на делата
Пратеникот и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, неговиот татко Милош Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески куртулија од натамошно гонење во случајот „Моќник“, поради апсолутна застареност на кривичните делата.

Имено, како што соопштија од Основниот кривичен суд Скопје, на денешната главна расправа јавниот обвинител извршил прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт и ги преквалификувал кривичните дела кои им се ставаа на товар на тројцата обвинети, во ставови за кои се предвидени поблаги казни кои по автоматизам повлекуваат и порано застарување на делата.
Претходно, во октомври лани по измените во Кривичниот законик донесени еден месец претходно од натамошно кривично гонење беа ослободени 10 обвинети во случајот „Моќник“. Меѓу нив беше и поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев. Судскиот процес продолжи за таткото и синот Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, бидејќи се гонеа за кривичното дело измама, кое не беше опфатено со измените на КЗ. По денешната пресуда на на Кривичен и тие се ослободени од натамошно гонење.
„Согласно направените измени од страна на јавниот обвинител и тоа во фаза на завршни зборови, судот, по сила на Законот односно член 402 точка 6 од Законот за кривична постапка (ЗКП), донесе пресуда со која обвинителниот предлог се одбива заради настаната апсолутна застареност на кривичното гонење согласно член 107 став 1 точка 4 во врска со член 108 став 6 од Кривичниот законик“,
се наведува во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.
Од Судот во соопштението додаваат дека трошоците на постапката паѓаат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.
Од скопското Основно јавно обвнителство кое го застапуваше предметот за ТВ Телма изјавиле дека не можеле да го докажат делото без прислушуваните разговори, но и дека за застарување на делата придонеле и измените на Кривичниот законик од 6 септември лани.
„Со оглед на тоа што во текот на постапката, Судот не ги прифати снимките како доказ во постапката, надлежниот јавен обвинител во завршни зборови изврши преквалификација на кривичното дело во согласност со останатите материјални докази. Кривичното дело измама беше преквалификувано во злоупотреба на службена положба, иако елементи за објективна застареност постоеја и за двете дела“,
соопштиле за телевизијата од ОЈО Скопје.
Основниот кривичен суд во Скопје го прифати обвинението за случајот „Моќник“ во октомври 2020 година, а судскиот процес по повеќе одложени рочишта почна на 25 март 2021 година.

Предметот се однесуваше за продажба на имот во 2011 година (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот му бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра. Имотот, според обвинителството, бил продаден откако таткото на Милошоски и градоначалникот со лажно прикажување и прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност ги довеле во заблуда советниците во Општина Македонски Брод дека станува збор за друг објект и тие изгласале одлука за продажба.
Членовите на поранешната Комисија за лустрација беа обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и поттикнати од пратеникот незаконски го лустрирале кичевскиот судија Драги Билевски, кој почина пред да заврши постапката.
Сите обвинети тогаш изјавија дека не го прифаќаат обвинението поднесено против нив и не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.
На Милошоски од Обвинителството му се става(ше) на товар дека искористувајќи ја својата позиција на пратеник дал „особен придонес кон делото“, вршејќи континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.
Во меѓувреме, Антонијо Милошоски до Уставниот суд поднесе и барање за заштита на слободи и права во врска со обвинителниот акт, но тоа беше одбиено од Судот.
