Во Собранието веќе цела седмица секојдневно се откажува и презакажува седницата на Комисијата за надворешни работи на која шестмина кандидати за шефови на ДКП, кои веќе добиле агремани, треба да ги презентираат своите тези и пред да добијат укази и да заминат на должност
Пратеничката Ивана Туфегџиќ, која е член на Комисијата за надворешна политика, смета дека кандидатите за амбасадори може да бидат испратени на должност и без да ги бранат тезите пред собраниската Комисија
Постапката за испраќање за шестмина нови амбасадори на земјава во странство е закочена во Комисијата за надворешни работи во парламентот, со која претседава Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, поранешен шеф на дипломатијата.
Седницата, на која предложените амбасадори, од кои петмина се од редовите на МНР, треба да ги претстават своите тези, првпат беше закажана за минатата среда, за да биде одложена за во петок, па за понеделник, па вторник… Потоа, беше закажана за денеска и повторно е одложена за в петок, и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ за денеска има поднесено предлог за распуштање на парламентот. Паралелно, Милошоски ја одложува и седницата на Комисијата на чиј дневен ред се измени на Законот за надворешни работи, предложени од пратениците Артан Груби од ДУИ и Јулијана Николовска од ЛДП, во насока на отстранување на ограничувањето според кое лица со двојно државјанство не можат да бидат именувани за амбасадори.
Законски одредби
Милошоски претпладнево не одговори на нашето прашање која е причината за одложување на седниците и зошто тие се презакажани за период кога ВМРО-ДПМНЕ планира парламентот веќе да биде распуштен. На седницата што е презакажана за в петок своите тези треба да ги бранат кандидатите за амбасадори во Мисијата на ОН во Женева, Теута Демјаха; во Приштина, Шпреса Јусуфи; во Доха, Шабан Јашари; во Мисијата на Советот во Европа во Стразбур, Светлана Гелева; во Тирана, Данчо Марковски и во Копенхаген, Фатон Бејта. Петмина од нив, со исклучок на кандидатката Демјаха, се кариерни дипломати од редовите на МНР.
Пратеничката од парламентарното мнозинството Ивана Туфегџиќ, која е член на Комисијата за надворешна политика, оценува дека кандидатите за амбасадори може да бидат испратени на должност и без да ги одбранат своите тези пред матичната Комисија, каде што нема гласање за предлозите. Сепак, вели таа, пожелно е пратениците да се запознаат со нивните тези пред заминување на функцијата.
„Милошоски беше министер за надворешни работи и добро знае дека станува збор за професионални кандидати за амбасадори, од редовите на Министерството, кои и тој ги познава. Затоа би било фер да им овозможи да ги презентираат своите тези пред собраниската Комисија. Инаку, ’сослушувањето’ во Комисијата не е конститутивен елемент за испраќање амбасадори, кои веќе добиле агремани за извршување на функцијата“,
вели Туфегџиќ.
Испразнети ДКП
Владата во декември минатата година утврди 19 предлози за амбасадори, но шестмина од нив стигнаа до ниво пред заминување во ДКП. Инаку, државата има 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот, непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.
По сличен принцип како и Милошоски, деновиве и претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, ги одложува постојано седниците на ова тело, кое меѓу другото, треба да го утврди предлог-законот за отпис на камати и за репрограмирање долгови на јавни претпријатија. За утре, односно во термин за кој ВМРО-ДПМНЕ смета дека парламентот треба да биде распуштен, се закажани две седници на Комисијата за финансирање и буџет.
Од Собранието велат дека по изборот на техничката влада, претседателот на парламентот Талат Џафери побарал известување од кабинетот на Оливер Спасовски дали оваа влада останува на одлуките на претходната влада, за да може да продолжи собраниската процедура за нив. Одговорот од владата бил позитивен. Претседателот на парламентот има деловничка можност да овласти некој од пратениците да претседава со одредена комисија во парламенот доколку нејзината работа е закочена. Сепак, во случајот со кандидатите за амбасадори, најавите се дека најверојатно ќе им се даде предност на законските и уставните одредби, според кои, одбраната на тезите во матичната комисија не е задолжително, а надлежностите за именување амбасадори се концентрирани кај владата и шефот на државата.
Од кабинетот од претседателот Стево Пендаровски минатата седмица изјавија за „360 степени“ дека досега нема потпишано укази од страна на шефот на државата за поставување амбасадори. Указите, како што велат оттаму, ќе бидат потпишани откако за секој кандидат ќе бидат завршени подготовките за упатување, согласно Законот за надворешни работи и доколку секој од кандидатите ги исполнува законските услови.