Образложувајќи ги денеска приоритетите на хрватското претседавање со ЕУ, амбасадорката Нивес Тигањ изрази надеж дека годинава Северна Македонија ќе ги почне преговорите
За време на хрватското претседателство со ЕУ, посебен фокус ќе се стави на проширувањето на ЕУ во однос на Југоисточна Европа. Земјите од ЈИЕ заслужуваат европска перспектива и Хрватска може да ја даде поддршката на нашето непосредно соседство, истакна амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ, образложувајќи ги приоритетите на хрватското претседавање со Унијата, на денешната собраниска Комисија за европски прашања.
Хрватска, како што рече, има неколку специфични причини зошто го става овој приоритет високо на агендата на своето претседателство, а тоа се безбедноста и стабилноста на непосредното опкружување, и оти, за разлика од другите земји членки, Хрватска е свесна за сите предизвици и можности на овој дел од светот. Таа потсети и дека Загреб сè уште има свежи сеќавања на својата интеграција и пристапниот процес и се подготвени да го споделат своето искуство сон земјите од ЈИЕ.
„Што се однесува до Северна Македонија, нашата позиција е чиста, нашата желба е грешката што се направи во октомври минатата година да биде исправена на претстојниот период и Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори со ЕУ“,
порача амбасадорката Тигањ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, истакна дека за разлика од пријателска Хрватска, за која како претседавач проширувањето е високо на агендата на ЕУ, приоритет на многу земји членки на Унијата ќе биде буџетот на ЕУ, а проширувањето е тема за која секогаш се наоѓаат добри изговори како да се помести за следниот семестар. Укажа и на обемниот календар околу усвојувањето на новата методологија за пристапни преговори.
„Законите се добри, примената е слаба, ЕУ си има свои приоритети. Ние од хрватската амбасадорка чувме убави зборови и веруваме во нив, но знаеме дека на Хрватска нема да ѝ биде лесно да ги смени приоритетите на ЕУ. На Владата ѝ порачуваме да не ги подига очекувањата. Досега двапати го прославија добивањето на датумот кој го немаме. Не ни треба и трето разочарување“,
рече Милошоски.
Тој упати и забелешка до евроамбасадорот Жбогар за, како што рече, непринципиелното однесување како претставник на ЕУ, зашто Унијата не реагирала за злоупотребата на европското знаменце и негово ставање на закони, со кои, како што вели, не се врши усогласување на македонското законодавство со европската регулатива. Со тоа, смета тој, се нарушува угледот на ЕУ во земјава.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, честитајќи го првото претседателство ЕУ, потенцира дека 2020 е година не само на Хрватска, туку и на Северна Македонија и на целиот регион на Западниот Балкан.
„2020 година е година и на Република Северна Македонија, бидејќи оваа година, после три децении, ја остваруваме нашата прва стратешка цел, членство во НАТО, а убеден сум дека оваа година ќе ги започнеме и преговорите за членство во ЕУ“,
додаде Османи.
Тој потенцираше дека најважно е одлуката да се донесе и преговорите да почнат што е можно поскоро, за да продолжи реформскиот процес, како и изградбата на европска држава, со силни демократски институции и целосно почитување на фундаменталните права и еднаквоста на сите граѓани.
„Процесот на преговори ќе го почнеме и тој нема да биде едноставен, туку долготраен, полн со предизвици. Затоа е потребно сите да вложиме заеднички напори и да имаме конструктивен пристап како гаранција дека овој пат успешно ќе го изодиме“,
истакна Османи
Евроамбасадорот Самуел Жбогар апелира во претстојните недели, пред распуштањето на Парламентот, да бидат донесени законите како што се законот за јавното обвинителство, Изборниот законик и измените на собранискиот Деловник во рамки на процесот „Жан Моне“ со заедничка работа на власта и опозицијата, со што шансите за успех на земјата ќе бидат поголеми. За претстојните избори, како што рече, очекуваат слободни фер и мирни избори.
Шестмесечното хрватско претседателство е под мотото „Силна Европа во светот на предизвици“, со четири приоритети – Европа која се развива, Европа која поврзува, Европа која штити и влијателна Европа. Во фокусот ќе биде договорот за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, одвојувањето на Велика Британија од ЕУ, организирањето на самитот во мај и подготовката на конференцијата за иднината на Европа како повеќегодишен проект.