Станува збор за првостепена пресуда, која засега не е правосилна, а ќе стане откако одбраната и обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на Судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година

Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
„Судот го осуди обвинетиот Милорад Додик на една година затвор, како и мерка за безбедност забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска во рок од шест години, од денот на правосилноста на пресудата“, соопшти Судот на БиХ.
Станува збор за првостепена пресуда, која засега не е правосилна, а ќе стане откако одбраната и обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на Судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година.
Ако конечната пресуда е иста како првостепената, тоа значи дека Додик нема да може да ја извршува функцијата претседател на РС во следните шест години. Кога станува збор за затворската казна, со оглед на тоа што е осуден на една година затвор, според сегашниот закон ќе може да ја откупи за приближно 36 000 км (околу 18 000 евра).
Директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, е ослободен од обвиненијата.
За што е осуден Додик?
Во 2023 година, Националното собрание на РС усвои закон според кој одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, нема да се објавуваат во Службениот весник на РС, ниту ќе се спроведуваат во тој ентитет. Набргу потоа, високиот претставник го поништи законот, но Милорад Додик го потпиша указот за прогласување на законот.
Во меѓувреме, високиот претставник го измени и Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот во спроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело. А со оглед на тоа што Додик сето ова го игнорираше, Обвинителството поднесе обвинение против Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ.
Во пресрет на пресудата, во Бања Лука синоќа се собраа илјадници луѓе со транспаренти и извици за поддршка на Додик. Градот беше преплавен со постери на Доналд Трамп, додека на ѕидовите се појавија графити со натпис „Трамп, Срби“. Собирот ќе продолжи и денеска.
Додик: Осуден сум на една година на нивното с*ање
По изрекувањето на пресудата, Додик излезе на бината пред парламентот на Република Српска каде беа интонирани химните на Република Српска и Србија.
„Една година сум осуден на нивните срања, на нивниот затвор. Велат дека сум виновен, а сега овие ќе ви кажат зошто не сум виновен. Нема причина за никаква загриженост, научив да се справувам со потешки работи. Мене ми е важно вие д сте овде и да ме поддржувате“, изјави Додик, кој на сцената се појави со поголема група луѓе, меѓу кои и адвокатот Анто Нобило.