Ако се толку доследни и сакаат нешто да прават еве нека ги враќаат паушалите бидејќи не им идат од Република Македонија туку од Северна Македонија, вели министерот за локална самоуправа
Министерот за локална самоуправа, Горан Милески, бара новите советници во општините да го почитуваат Уставот како највисок правен акт и во свечените изјави односно заклетвите да стои уставното име Република Северна Македонија.
Во изјава за ТВ Телма, тој признава дека во Законот за локална самоуправа сè уште стои името „Република Македонија“, а измените во кои ќе биде наведено новото уставно име сè уште не биле доставени до Собранието затоа што за нивно усвојување било неопходно двотретинско мнозинство што во моментов тешко може да се обезбеди.
„И во тие заклетви тие кажуваат дека ќе се водат и ќе работат согласно Уставот и законите, а во овој случај тие уште непочнати да работат го кршат Уставот и тоа не е добро. Јас можам да ги охрабрам и понатаму ако сакаат нека си работат вака, меѓутоа паушалот што ќе го добијат од Северна Македонија нека го враќаат, ако се толку доследни и сакаат нешто да прават еве нека ги враќаат паушалите бидејќи не им идат од Република Македонија туку од Северна Македонија“,
вели Милевски за ТВ Телма.
Токму на непроменетиот закон согласно новото уставно име, вчера се повикаа советниците на Левица во Општина Аеродром, каде во свечените изјави што ги потпишале го пишувало старото уставно име. Таков беше случајот и во Штип каде на седницата присуствуваа 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Левица, додека деветмината од СДСМ ја напуштија салата поради непочитување на Уставот.
По ваквиот развој на настаните, денеска реагираше и Министерството за надворешни работи (МНР) потсетувајќи дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.
„Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија“,
рекоа од МНР.
Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, пак, гостувајќи во емисија на ТВ 24, изјави дека за нив Преспанскиот договор е завршена работа и нивните градоначалници ќе потпишуваат документи каде нема да биде возможно да не се користи придавката „Северна“, но, како што рече, ќе има простор каде што ќе може да покажат пркос.
За случајот во Штип, пак, рече дека разбрал од медиумите.
„За ова разбрав од медиумите, не знам што точно се случило. Од тоа што го прочитав, уверенијата така биле напишани. Не амнестирам некого од одговорност. Ако е така, мислам дека одговорноста треба да се види во општинската изборна комисија, затоа што Уверенијата ги издава комисијата, а не градоначалникот. Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Преспанскиот за нас е завршена работа. Од друга страна, како на некој што му пречи придавката, ги разбирам и овие потези. Не го гледам како на нешто на што треба да му се дава преголемо значење, ниту да му се посветува преголемо внимание. Ако ова го гледаме како прекршување на Уставот, при промената на уставното име, зошто тогаш не го гледавме тоа како кршење на Уставот“,
кажа Јанушев.