Милановиќ ги повика граѓаните да останат смирени и посочи дека според проценките ова не било насочено кон Хрватска
Ова е сериозен инцидент. Треба да се утврди како е можно беспилотно летало од шест тони со големина на авион да помине повеќе од еден час над членка на НАТО, а никој да не го забележи. Како што стојат работите, полетало од Украина и паднало над Загреб кога останало без гориво, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ откако синоќа околу 23 часот во Загреб се урна беспилотно летало од руско производство.
Милановиќ истакна дека Хрватска немала никаква дојава за леталото.
„Не добивме никаква дојава. Објектот летал над Унгарија повеќе од 40 минути, во Хрватска летал помалку од седум минути и паднал во областа Јарун, во Загреб, за среќа без жртви. Ова е сериозен инцидент и ние така се однесуваме кон него. Во тек е истрага, сакаме да ги утврдиме сите детали“,
рече Милановиќ.
Милановиќ, ги повика граѓаните да останат смирени и посочи дека според проценките леталото не било насочено кон Хрватска.
„Во моментов предмет на сериозна истрага е како е можно никој да не го забележал ова“ ,
истакна Милановиќ за хрватските медиуми.
Тој додаде и дека во истрагата се вклучени воени служби.
„Ќе се утврдуваат фактите. Како е можно несофистициран авион да помине повеќе од еден час над членка на НАТО, а никој да не го забележи? Во истрагата се вклучени воени служби. Како што стојат работите, леталото полетало од Украина, паднало над Загреб кога останало без гориво“,
рече Милановиќ.
Советникот на министерот за одбрана на Украина, Маркијан Лубкјивски, денеска за загрепски „Јутарњи лист“ изјави дека авионот што паднал во паркот во Загреб не е украински и дека очекува официјално соопштение од украинското Министерство за надворешни работи во соработка со Генералштабот на украинската армија.