На инаугурацијата присуствуваа поранешни претседатели, претставници на институциите, на армијата, на верските заедници, лидери на партии, но немаше претставници од владата на Хрватска
Зоран Милановиќ денеска, пред претседателот на Уставниот суд Мирослав Шепаровиќ, свечено положи заклетва за втор мандат претседател на Хрватска ветувајќи дека ќе биде лојален кон Уставот и оти ќе ја извршува должноста за доброто на хрватскиот народ и хрватските граѓани.
На инаугурацијата присуствуваа поранешни претседатели, претставници на институциите, на армијата, на верските заедници, лидери на партии, но немаше претставници од владата на Хрватска.
Вториот петгодишен мандат на Милановиќ официјално почнува утре.
„Основна задача на државните институции е да го зачуваат мирот и безбедноста на граѓаните, а не мислам само на мирот и безбедноста во најелементарна, физичка смисла. Втората, речиси подеднакво важна цел е да се осигури дека тешките времиња нема да станат драматични времиња. Нееднаквоста и корупцијата подмолно го нагризуваат општественото ткиво, како злобна болест. Неопходно е да се изградат и унапредат правни и општествени механизми кои ќе овозможат да не попуштаме материјално или духовно во лоши времиња, а во време на просперитет да ја одржуваме реалноста“,
истакна Милановиќ.
Тој наведе дека другите држави и нации генерално не ѝ посакуваат лошо на Хрватска, но оти кога се соочуваат „со изборот помеѓу нивните сопствени интереси и нашата благосостојба, тие секогаш ќе се одлучуваат за своите интереси.
Според Милановиќ, се што Хрватска постигнала е заслуга на хрватскиот народ.
„Наш интерес е само нашите институции да бидат независни, професионални и одговорни, како што се медиумите или како што звучи подобро новинарството. Ова е, меѓу другото, предуслов за стабилноста и функционалноста на нашиот уставно-правен поредок и нашиот демократски систем. Тоа е, на едноставен јазик, штит против самоволието и тиранијата“,
истакна Милановиќ.