„Сè додека некој е против Македонија, за жал, не може да напредува на тој пат. Единствено е прашањето дали тоа за вас и за вашите граѓани сè уште е најважната работа на овој свет или има некои други работи што може државата да ја дефинираат како успешна и реализирана заедница. Но тука јас немам совет, тоа е ваша одлука“, кажа хрватскиот претседател на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Не сум дојден тука да делам совети и да ги сеам како семиња наоколу, но немојте да бидете жртви на изнуда кога станува збор за членството во Европската Унија. Ова денеска го кажа хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој денеска е во официјална посета на Северна Македонија.

Милановиќ на заедничката прес-конференција со својата домаќинка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во таа насока рече дека земјава добива совети од многу страни, но крајната одлука по ова прашање треба да донесе државата и нејзините граѓани.
„Совети секако добивате и од други страни, од соседите, од меѓународната дипломатија, од Европската комисија. Не се сите тие совети паметни и корисни за вас, ги примате како вреќа сол, работете по свое. Вие сте оние што ќе одлучите што е важно за вас, но немојте да бидете само жртви на принуда или изнудување кога станува збор за членство во ЕУ. Тука не мислам да полемизирам, ниту мислам на вашата соседна држава Бугарија, тие имаат свои идеи како тоа треба да изгледа. Правилата се јасни, треба консензус, треба едногласност. Се додека некој е против Македонија за жал не може да напредува на тој пат. Единствено е прашањето дали тоа за вас и за вашите граѓани сè уште е најважната работа на овој свет или има некои други работи кои може државата да ја дефинираат како успешна и реализирана заедница. Но тука јас немам совет, тоа е ваша одлука“,
рече Милановиќ.
Говорејќи во истиот контекст, хрватскиот претседател рече дека на Македонија треба да ѝ се помогне, но оти земјата не треба да биде третирана како посебен случај, како земја со грешка, туку како земја која во моментов има одредени проблеми, а кои, како што кажа, произлегуваат од тоа што, некој не се согласува со работи до кои „вие држите“.
„Во ред, тоа на сила не може да се промени. Европското право и pacta sunt servanda, на кое се повикува професорката, е добро да се повторува, но ЕУ главно не функционира на тој начин. Хрватска е сведок на тоа, чисто да не живееме во илузија, но во ЕУ има и многу добри работи, но не се сите добри особено последните години и месеци“,
кажа Милановиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви се неговите очекувања од договорот за воена соработка што Хрватска го склучи со Албанија и со Косово и дали е можно Македонија да биде повикана во овој договор, Милановиќ кажа дека не станува збор за договор, туку за декларација потпишана од министрите за одбрана на трите држави.
„Тоа е меморандум којшто пригодно го потпишаа тројца министри за одбрана, од кои двајца на земји членки на НАТО и на Косово, нам пријателска држава која за жал се уште не е признаена од сите земји членки на ЕУ и на НАТО, и не е примена во Обединетите нации. Значи ова не е договор, но е на траекторијата на хрватската надворешна политика. Jас го поддржувам овој договор и сакам да ги смирам соседните држави, да речеме Србија, да немаат никакви проблеми со тоа“,
одговори Милановиќ.
Инаку, многумина овој договор го протолкуваа како воен сојуз, а српскиот претседател Александар Вучиќ како одговор најави можност за создавање воен сојуз на Србија со Унгарија.

Македонската претседателка, одговарајќи на новинарско прашање во однос на членството на земјава во ЕУ, рече дека граѓаните и државата остануваат посветени на оваа определба и дека како држава сакаме да го комплетираме патот кон Унијата, која трае 20 години.
Таа како извонредна ја оцени хармонизацијата на македонското со европското законодавство, додавајќи дека сите анкети покажуваат оти е нормално и политички да влеземе во ЕУ, бидејќи, како што кажа географски, историски и културно отсекогаш сме биле дел од Унијата.
Сепак, таа како неодржлива ја оцени состојбата во која се наоѓа земјава на евроинтегративниот пат, и тоа, како што посочи не говори само за нас, туку и за кредибилитетот и интегритетот на Унијата во една од најважните области – проширувањето.
Таа во опширниот одговор на прашањето се осврна и на Преспанскиот договор, правејќи корелација со проблемот со Бугарија и работата на историските комисии на двете држави. Во овој контекст, Сиљановска-Давкова го постави и прашањето за што разговараат тие, бидејќи според она што, според неа е напишано во Преспанскиот договор, ги става ад акта прашањата за културата и јазикот.