„Слободното и квалитетно новинарство е предност на демократијата. Пандемијата со ковид -19 нè потсетува на суштинската улога што ја имаат новинарите и медиумските работници во обезбедувањето доверливи информации, борбата против дезинформациите што можат да предизвикаат паника и барајќи носителите на одлуки да бидат одговорни пред граѓаните“,
истакнува комесарот на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ, во пресрет на 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.
Потенцирајќи дека годинава одбележувањето на овој ден ќе биде во поинаква форма, Мијатовиќ укажува дека сепак на овој ден мора да се оддаде признание на работата на медиумските работници, нивните жртви – и оние на нивните семејства – направени во служба на интересот на јавноста.
„Тоа го прават новинарите во нормални времиња, а уште повеќе во услови на криза како што е денес, ни носат една од најмоќните алатки што ги имаме на располагање за да донесуваме одлуки што ни се важни: сигурни информации“,
вели Мијатовиќ.
Мијатовиќ која пред да биде избрана на оваа функција беше претставник на ОБСЕ за медиуми подвелекува дека без разлика дали се работи за истражувачки новинари кои покриваат глобални кризи или хонорарни соработници во некој локален весник, тие во нивната работа се изложени на неправди, кршење на законот, корупција и злоупотреба на службената должност, со тоа што „копаат под површината за да ја откријат вистината“.
Ова е причината зошто слободата на печатот е едно од правата утврдени во националните устави и меѓународните договори, нагласува таа.
„Затоа, треба да се заложиме повеќе за независноста и безбедноста, особено економската и социјалната на новинарите и медиумските професионалци. Безбедноста на новинарите мора да се гарантира во секое време, во интерес на правдата, но и во името на принципот на демократијата“,
вели комесарот за човекови права на Советот на Европа.
Таа заклучува дека во текот на изминатата деценија, светот на новинарството надмина многу пречки, од кои некои го загрозија и самото постоење на повеќе органи за информирање и го влошија медиумскиот плурализам.
