Некои мигранти биле однесени во Белорусија, додека други успеале да побегнат. Стотици мигранти се на белоруската страна, пренесува агенцијата Хина
Европската Унија го обвини Минск дека им помага на мигрантите да стигнат до надворешните граници на Унијата во Полска, Литванија и Летонија како одмазда за западните санкции наметнати на Белорусија поради политичката репресија на сопствената опозиција
Големи групи мигранти успеале да ја пробијат оградата на границата меѓу Белорусија и Полска. Наводно,
десетици луѓе успеале да ја урнат оградата кај селата Кринки и Бјеловјежа и да ја преминат границата, јави полската агенција ПАП повикувајќи се на локалната радиостаница Бјалисток.

Станицата ја цитираше портпаролката на граничните сили дека и во двата случаи оградите на границата биле насилно урнати.
„Некои мигранти беа однесени во Белорусија, додека други успеаја да избегаат“,
рече таа.
На белоруската страна има стотици мигранти.
Полска одбива да прими мигранти на нејзина територија, па во последните недели испрати стотици припадници на своите сили на границата и подигна бодликава жица во обид да спречи секој обид на мигрантите да се пробијат.
Вчера белорускиот претседател Александар Лукашенко побара на мигрантите да им биде дозволен влез во Полска. Во интервјуто тој вели дека повеќето од нив сакаат да одат понатаму, односно во Германија.

Европската Унија го обвини Минск дека им помага на мигрантите да стигнат до надворешните граници на Унијата во Полска, Литванија и Летонија како одмазда за западните санкции наметнати на Белорусија поради политичката репресија на сопствената опозиција.
Лукашенко, кој уште е наречен „последниот диктатор на Европа“, негираше дека намерно прифаќа луѓе од кризните земји како Сирија, Авганистан, Либија и Ирак, а потоа ги префрла на границата со ЕУ.
Европската Унија во моментов планира да воведе нови санкции спрема Белорусија, кои конкретно ќе се однесуваат на државната авиокомпанија „Белавија“ за наводно транспортирање мигранти во Белорусија.