Стотици илегални мигранти во областа на поранешниот привремен камп во близина на босанскиот град Бихаќ, започнаа штрајк со глад и одбија да се сместат во шатори, објавија локалните босански медиуми.

Мигрантите држат транспаренти на кои пишува „Помогнете ни, смрзнуваме“.
Припадници на босанската војска вчера поставија десет големи шатори, како времено засолниште за околу 900 илегални мигранти. Но, мигрантите организираа протест барајќи подобро сместување и одбија да ја прифатат храната обезбедена од Црвениот крст.
Босанската Влада побара мигрантите да бидат сместени во поранешниот прифатен центар Бира во Бихаќ, но локалните власти категорично го отфрлија таквиот предлог.
Уште еден обид за префрлање на мигрантите во напуштени бараки во близина на херцеговскиот град Кониќ, исто така, не успеа откако локалните жители во знак на протест го блокираа пристапот до објектите.