Според неа, ЕУ не смее да продолжи да го развлекува процесот на проширување и расправата за него да ја префрла од еден на друг самит, со усвојување заклучоци кои понекогаш имаат 27 или дури 27 плус 3 различни толкувања
Во услови на зголемено руско мешање и обиди за влијание во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан, проширувањето на Европската Унија станува директен предизвик за европската колективна безбедност, порача денеска претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Унијата, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, која се одржува во Брисел.
„Да не се залажуваме, проширувањето сега веќе не е само благородна амбиција, сега, цврсто верувам, дека тоа е геополитичка неопходност. Сепак, за жал, во последнава деценија загубивме повеќе членки отколку што примивме“,
рече Мецола.
Според неа, ЕУ не смее да продолжи да го развлекува процесот на проширување и расправата за него да ја префрла од еден на друг самит, со усвојување заклучоци кои понекогаш имаат 27 или дури 27 плус 3 различни толкувања.
„Ако продолжиме да го правиме сето ова, тогаш други ќе се појават за да ја пополнат празнината“,
порача Мецола.
Говорејќи за односите на ЕУ со САД, Мецола истакна дека никој нема корист од трговските војни, па затоа прв приоритет на Унијата, како што посочи, мора да биде нивно избегнување, но таа во исто време е подготвена да одговори на секаков предизвик и ќе зборува од позиција на сила.
Таа посочи дека САД се едни од најстарите и најсилните сојузници на Европа и меѓусебната трговска размена 1 500 милијарди евра е премногу важна за да се воведат меѓусебни царини, кои би им наштетиле на компаниите и луѓето од двете страни на Атлантикот.
Мецола се осврна и на случувањата во Украина, посочувајќи дека поддршката за земјата е поддршка за алтруизмот и за самоодржувањето, бидејќи ако во војната победи рускиот претседател Владимир Путин, никој нема да биде безбеден, ниту Украина, ниту Европа, па дури ниту САД.
Според неа, ЕУ не се откажува од заложбите за мир, но тој мора да биде искрен и да се заснова на принципот дека не може ништо да се решава за Украина без Украина.
„Но, исто така, мора сериозно да се занимаваме и со нашата сопствена одбрана. Русија целата своја економија ја претвори во воена економија и Путин и неговите сојузници не предизвикуваат со различни хибриди закани. Европа сега нема опција, нема време за одлагање во одговорот на распространетата закана. Ова е прашање на итност“,
додаде Мецола.