Тој ја обвини актуелната влада дека намерно дозволила градот да западне во хаос пред изборите за потоа да се претстави како спасител со повикување на кризна состојба

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, денеска ја продолжи предизборната кампања фокусирајќи се на алармантната состојба со отпадот во градот, која ја нарече „најапсурдна што Скопје некогаш ја имало“.
Мециновиќ оцени дека ситуацијата со преплавувањето со отпад и колапсот на комуналните претпријатија е резултат на крахот на локалната власт, која, како што рече, во последните четири години била под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
„Четири години локалната власт беше во нивни раце, и на ниво на град и во најголем дел од скопските општини. Не смееме повторно да си дозволиме луксуз да си играме со здравјето на скопјани и да поддржуваме партии кои од суета создаваат кризи“,
истакна Мециновиќ.
Тој ја обвини актуелната влада дека намерно дозволила градот да западне во хаос пред изборите, за потоа да се претстави како спасител со повикување на кризна состојба.
Мециновиќ најави дека, независно од исходот на изборите, јавната администрација мора веднаш да започне со санирање на состојбата и ги повика сите скопски градоначалници да работат заедно, без оглед на политичката припадност.
„Политичките суети веќе не смеат да имаат место во политичкото дејствување на градоначалниците. Ние сме многу мала држава за да имаме вака голема политика. Ние имаме политика како да сме нуклеарна сила, а не како да сме два милиони народ кои може да се договорат. Но, нашите политичари досега биле крајно суетни и затоа имаме ваква ситуација“,
рече тој.
Тој го презентираше планот на Левица, кој вклучува санација и реформа на ЈП „Комунална хигиена“ и спротивставување за јавно-приватно партнерство.
Мециновиќ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека нивната намера била да го колабираат претпријатието за потоа да го продадат, за што рече дека Левица нема да го дозволи.
Наместо приватизација, Мециновиќ предлага окрупнување на капацитетите, модернизација на механизацијата и подобрување на условите за работа во јавните комунални претпријатија.
Тој додаде дека се разгледува технологија за преработка на комунален отпад во горивни деривати. За Вардариште рече дека може да се изгради централа од 720 квадратни метри со цена од шест милиони евра, а за „Дрисла“ модерна постројка од 60 милиони евра со затворен систем.
