Според него, Левица има реални шанси за влез во вториот круг и за борба за градоначалничкото место на главниот град
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, очекува да влезе во вториот изборен круг од локалните избори. Според него, Левица има реални шанси за влез во вториот круг и за борба за градоначалничкото место на главниот град.

„Мојата мотивација за влез во оваа трка произлегува од искуството како член на Советот на Град Скопје, кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по интересите на граѓаните. Знаејќи како досега се однесуваа градските власти, сметаме дека навистина нешто може да тргне во позитивна насока“,
изјави Мециновиќ.
Констатираше дека работите во Скопје „не ги бива“, додавајќи дека е време политичките чинители да покажат дека промените се можни и дека постои надеж.
Ги повтори клучните заложби на својата програма како подобрување на јавниот превоз, системска борба против загадувањето на воздухот преку третирање на изворите, како и зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија. Додаде дека нема да дозволи приватизација на ниеден капацитет на Град Скопје.
Ги повика граѓаните в недела масовно да излезат и да го дадат својот глас.