Упатувајќи честитики за освоените гласови на неговиот противкандидат, Мециновиќ рече дека меѓу нив има и од заплашени и уценети гласачи, луѓе што заради вработувања морале да донесат по 10 гласови
Мециновиќ оцени дека многу граѓани кои претходно не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција за вториот круг

Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција истакна дека партијата бележи голем раст на поддршката по првиот круг и дека левиот гласачки спектар цврсто се обединува околу нивната програма.
Тој рече дека Левица се позиционира како обединувачка сила на сите антивладини гласови во главниот град.
„Нашата улога како обединувачка сила е очигледна, и тоа е одговорност, но и привилегија. Испишуваме нови правила во политичката историја на Македонија“,
истакна тој.
Мециновиќ оцени дека многу граѓани кои претходно не гласале за Левица, сега ја гледаат како најсоодветна опција за вториот круг.
Според него, окрупнувањето на антивладиниот контигент е почнато и дека тоа ќе биде масовно на 2 ноември.
„Ќе има општини каде очекуваме поддршката да биде дури и поголема од таа на владиниот кандидат во Скопје“,
рече тој.
Упатувајќи честитики за освоените гласови на неговиот противкандидат, Мециновиќ рече дека меѓу нив има и од заплашени и уценети гласачи, луѓе што заради вработувања морале да донесат по 10 гласови.
„Некои мафијашки тактики имаат, не ги ни знаеме точно. Тоа е многу жално. Имаме дел од популацијата што не гласа и што поништува ливчиња. А, што правиме со популацијата која е натерана во политички избор. Тоа е уште попроблематично. Голем дел од нашата популација нема ни слобода да го поништи ливчето и да го искаже својот револт“,
додаде тој велејќи дека во овие две недели ќе со обратат и до тие гласачи.
Тој најави дека Левица е во разговори со неколку независни листи за можна соработка во Градскиот совет, посочувајќи дека со дел од нив, како „Зелен хуман град“, веќе имале заеднички ставови во претходниот мандат.
Тој ја критикуваше владината политика, обвинувајќи ја дека „ја злоупотребува кризата со отпадот во Скопје“.
„Владата сакаше до крај да ги истроши скопјани, за потоа да прави театар со нивното здравје. Тоа е доказ дека имаме деструктивна власт“,
истакна Мециновиќ.
Мециновиќ нагласи дека Левица ќе понуди проактивна алтернатива фокусирана на интересите на граѓаните, а не на лични агенди.
„Не сакаме повторно да се повтори сценариото со градоначалничката Данела Арсовска. Ние сме тука да ја исполнуваме агендата на скопјани, не на поединци“,
кажа тој.
Тој најави конкретни потези веднаш по преземањето на градската власт.
Еден од тие потези рече дека ќе биде раскинување на штетните договори што ја оптоваруваат градската администрација и јавните претпријатија уште во првите 72 часа, а во истиот рок рече дека ќе се раскине и договорот за рекламирање казина и обложувалници на автобусите на ЈСП.
Мециновиќ објасни дека градската власт не смее да промовира „корозивни општествени процеси“ и дека со враќање на атрактивниот рекламен простор под стопанисување на ЈСП ќе се подобри финансиската состојба на претпријатието.
Во делот на културата, Мециновиќ најави финансиско зајакнување на Младинскиот културен центар (МКЦ) и формирање на Скопско рок школо. Како нова иницијатива, Мециновиќ најави и основање на Скопски графити фестивал, по примерот на Мостар, со цел да се разубави градот и да му се даде нов визуелен идентитет.
Мециновиќ најави дека во следните десет дена партијата ќе продолжи со тематски прес-конференции за претставување на нивната програма.
На новинарски прашања дали има стратегија за справување со загадувањето или за решавање на проблемот со сообраќајот, Мециновиќ се осврена на дел од програмите што во кампањата ги промовирале некои од кандидатите и рече дека не може веднаш да се почне со казнување на граѓаните.
„Треба да се почне да се третираат изворите на загадувањето“,
рече тој.