Моментот за ваква расправа, според пратеникот од Левица, е најсоодветен со оглед на тоа што искуствата од последните избори се свежи, а проблемите во ИЗ се веќе познати
Пратеникот од Левица, Амар Меџиновиќ, најави дека во собраниската Комисија за политички систем ќе иницира јавна расправа за Изборниот законик за, како што рече, да се отвори суштинска дебата за измените кои е потребно да се имплементираат. Вели дека моментот за ваква расправа е најсоодветен со оглед на тоа што искуствата од последните избори се свежи, а проблемите во Изборниот законик се веќе познати.

„Ако дозволиме истите недостатоци да се провлекуваат од избори на избори, а притоа се појавуваат нови проблеми, тогаш навистина ни е потребна длабока јавна расправа“,
рече Мециновиќ и повика во процесот да се вклучат и граѓанскиот сектор, медиумите, академската фела, како и меѓународните организации.
Потсети дека Левица неодамна веќе поднесе предлог-измени на Изборниот законик по скратена постапка поради проблемите со финансирањето на политичките партии во предизборието, но вели дека материјалот сè уште не стигнал до пратениците.
„Не можеме да очекуваме добра волја од мнозинството, затоа што ако навистина сакаа да ги исправат работите, немаше да спречуваат седници кога настана спорната ситуација со финансирањето. Време е Изборниот законик да стане стабилна основа за демократијата, бидејќи моментално тоа не е случај“,
изјави тој, додавајќи дека Левица ќе учествува во сите работни тела за подготовка на измените.
Пратеничката група на Левица во септември годинава поднесе предлог-закон за изменување на Изборниот законик, по итна постапка, потег што уследи откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го донесе Упатството за радиодифузерите за локалните избори, според кое, Левица остана исклучена од можноста за платено политичко рекламирање и покрај тоа што има шест пратеника во Собранието.
