Кандидатот на Левица порача дека партијата е подготвена за соработка со сите независни кандидати и независни листи за советници

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, најави дека поради забраната за рекламирање на партијата, неговата кампања и таа на советничката листа целосно ќе се преселат на скопските улици, каде што од утро до вечер ќе се среќава со граѓаните.
„Изминатите два месеца, ако забележавте, ПР-куќите кои ги советуваа големите партии им рекоа да излезат на улица да прибираат препораки од граѓаните, и сега имаат програма. Ние сега ги повикуваме да се симнат кај граѓаните и за време на кампањата. Ние тоа ќе го направиме во отсуство на рекламирање на кампањата“,
истакна Мециновиќ.
Мециновиќ, кој бара мандат за градоначалник, најави дека доколку биде избран, неговиот фокус ќе биде ставен на средување на проблемите во јавните претпријатија и разговори со работниците за условите за работа.
„Доколку ни биде доверен мандатот, првото што ќе сториме е да се симнеме кај работниците во јавните претпријатија и да разговараме за условите во кои работат. Јавните претпријатија во Скопје се оставени на маргините, со цел да се оправда нивна евентуална приватизација. Уште на 6 септември беше најавено дека за ’Комунална хигиена’ постои план за приватизација, што подоцна го потврди и премиерот Мицкоски, најавувајќи јавно-приватно партнерство за јавните претпријатија“,
истакна Мециновиќ.
Мециновиќ нагласи дека единствено претпријатие што во моментов профитира е „Дрисла“, кое, според него, треба да се унапредува, а не да се приватизира.
Кандидатот на Левица порача дека партијата е подготвена за соработка со сите независни кандидати и независни листи за советници.
„Како што имавме дијалог во минатиот мандат со некои независни листи, сега се надевам ќе имаме уште пообединувачки каде што можат да застанат многу платформи за јавниот интерес“,
рече тој додавајќи дека ќе се разговара и за поддршка во вториот круг од изборите.
Како еден од најголемите проблеми во градот, Мециновиќ го посочи јавниот превоз, за кој рече дека имаат замисла да го направат функционален и да го охрабрат неговото користење.