Кандидатите на Левица испратија пораки за промена и враќање на политиката во служба на народот

Борбата против криминалот, корупцијата и неправдата продолжува уште пожестоко и со уште поголема енергија, порачаа од вечерашниот завршен собир кандидатите за градоначалници и советници од Левица.
„Ова левичарско движење прерасна во партија која се заканува да го урне постоечкиот поредок на криминал и корупција и на неговите темели да изгради нов праведен“,
порача потпретседателот на Левица, Реџеп Исмаил.
Тој нагласи дека секоја кампања ја зајакнува Левица кадровски и идејно, со нови млади кадри и интелектуалци кои активно се вклучуваат во политичкото дејствување.
„После изборите, дел од вас ќе станат функционери и ќе треба да покажат дека не се сите исти. Делото мора да ја надмине реториката, зборот без влог е празна форма“,
истакна Исмаил.
Кандидатите на Левица испратија пораки за промена и враќање на политиката во служба на народот.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, смета дека политичарите конечно треба да влеат надеж и дека промената може да се случи.
„Мојата последна порака до граѓаните е молба да излезете да гласате, доколку вие не излезете, ќе излезе некој друг кој ќе ви ја скрои судбината за тоа како ќе живеете во следните четири години“,
рече Мециновиќ и порача да ја поддржат платформата која сметаат дека најдобро ќе ги претставува нивните интереси.
Носителката на листата за советници во Град Скопје, Катерина Јовановска, рече дека сите се разочарани од случувањата во Скопје, без јавен превоз, затрупано во ѓубре и со токсичен воздух.
„Време е народот да ја земе судбината во свои раце и да стави крај на ненародното управување со градот“,
рече Јовановска.
Кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Златко Тренчевски, нагласи дека и покрај медиумската блокада, Левица допре до граѓаните.
„Тие трошат милиони на пи-ар и купување гласови, а ние со малку пари и многу креативност ја раскажавме нашата приказна“,
истакна тој.
Антонио Димитров, кандидат за градоначалник на Карпош, рече дека граѓаните се уморни од манипулации и поделби и оти општината заслужува чесна и одговорна власт.
„Се бориме против систем што 30 години ги пљачкосува општините. Ќе ставиме крај на партиските зделки, ќе воведеме транспарентност и ќе ги вратиме парите на граѓаните таму каде што припаѓаат, во локалните заедници“,
кажа Димитров.
Александар Димитриевиќ, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, порача дека е време граѓаните да ја преземат контролата од „политичките божества“ што мислат дека мандатот им е даден од Бога.
„Поради нас станавте милионери и поради нас имате имоти во странство, време е мандатот да ви го земеме. Ѓорче заслужува градоначалник што ќе работи за народот“,
рече тој.
Марија Среброва, кандидат за градоначалник на Центар рече дека визијата е општината да биде по мерка на човекот, со ред, зеленило и со правда.
Доколку победи во Центар, таа рече дека ќе направат ревизија на сите ДУП, нов зелен пазар, пешачки патеки и обновен дух на Дебар Маало.
Марјан Димитриев, кандидатот за Аеродром, пак, порача дека граѓаните се охрабриле и бараат вистинска промена.
„Аеродром никогаш не бил понечист, службите не функционираат, а буџетот се испумпува преку приватни фирми“,
рече тој.
Со завршната средба во Скопје, Левица ја заокружи својата кампања со јасна порака дека вистинските промени започнуваат од народот и затоа „време е народот да ја земе судбината во свои раце“.