Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица им заблагодари на скопјани кои вчера го дале својот глас за неговата кандидатура, како и на сите волонтери, активисти и поддржувачи на Левица кои агитирале и верувале дека Скопје заслужува повеќе
Скопје се разбуди. Сега сопствените соништа ќе ги види на јаве – порача кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, кој влегува во вториот изборен круг од локалните избори, каде што ќе се соочи со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Мециновиќ им заблагодари на скопјани кои вчера го дале својот глас за неговата кандидатура, како и на сите волонтери, активисти и поддржувачи на Левица кои агитирале и верувале дека Скопје заслужува повеќе.
„Она кое го изградивме во изминатите недели е показател дека искреноста и креативноста и понатаму допираат до луѓето. Почнавме со замисла дека политиката може повторно да делува човечки. Сега кога веќе дојдовме до вториот круг, изборот е јасен: стариот систем кој го истроши градот и новиот кој заедно го градиме, кој ќе го стави колективниот интерес пред партискиот. Ова движење никогаш не се однесуваше на мене како кандидат, туку на сите скопјани кои одбраа да се надеваат наместо да се предадат“,
порача Мециновиќ во објава на Фејсбук.
Во вториот круг, вели кандидатот на Левица, надежта ќе се претвори во реалност, со храброст, достоинство и неизмерна љубов кон сопствениот град.
Според 99,95 отсто обработени гласови од вчерашниот прв круг од локалните избори, кандидатот на Левица има освоено 13,20 отсто од вкупниот број на гласови, односно 30 662 гласа, додека неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, предничи со добиени 39,43 проценти, или 91 612 гласови.