Кандидатот на Левица за градоначалник на главниот град во видеоизјава вели дека скопјани по првиот круг се охрабрени и оти очекува контингентот гласови што го создале само да расте
Кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, денеска изјави дека додека неговиот противкандидат Орце Ѓорѓиевски бара и добива поддршка од коалицијата ВЛЕН, тој ќе продолжи со средбите со скопјани, од кои очекува во сè поголем број да излезат во вториот круг и да гласаат за него.

Мециновиќ во кусо видеообраќање до јавноста објавено на Јутјуб ги оцени како теорија на заговор наводите на Ѓорѓиевски дека неговиот противкандидат во првиот круг имал поддршка од ДУИ и дека вчера јавно ја обзнанил коалицијата со СДСМ, со барањето граѓаните што гласале за кандидатката на оваа партија, Каја Шукова во првиот круг, да го поддржат во финалната битка за градоначалник на Скопје на 2 ноември.
Кандидатот на Левица вели дека скопјани по првиот круг се охрабрени и оти очекува контингентот гласови што го создале само да расте.
„Денеска мојот противкандидат зборува за тоа од каде ми доаѓале гласовите, од каде ќе ми дојдат гласовите и почнува да зборува за некоја теорија на заговор. Владиниот кандидат се сретна со ‘Вреди’, ја доби нивната поддршка. Јас се среќавам со скопјани и ќе продолжиме да се среќаваме со скопјани, затоа што скопјани се охрабрени и во сè поголем број ќе излезат во вториот круг. Овој контингент што го создадовме само ќе расте“,
вели Мециновиќ.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека Левица и официјално јавно ја објавила коалицијата со СДСМ за која се говорело во минатото, а за која партијата негирала дека постои.
„Ако во минатото говоревме за тие состојби, а некој ги негираше, особено после вчерашниот повик на Левица за поддршка од гласачите на СДСМ, веќе е јавна таа коалиција. Треба добро да се погледнат и анализираат резултатите за да видиме во кои делови има Левица добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг Левица имаше поддршка од ДУИ“,
изјави Ѓорѓиевски пред денешната средба со новоизбраните советници во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Ѓорѓиевски вчера објави дека во трката за градоначалник на Скопје во вториот круг добил поддршка од новозибраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, како и од кандидатот на коалиција ВЛЕН за Скопје, Башким Бакиу.
Инаку, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓиевски и неговиот конкурент за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, следниот вторник ќе се соочат на телевизиски дуел.
Дебатата ќе се одржи на телевизијата Канал 5 со почеток од 18:30 часот во емисијата „На дуел со Иван“.
Двајцата кандидати кои ќе ја бијат битката во вториот круг потврдија дека го прифатиле соочувањето пред камери.