Работењето на новиот состав на Антикорупциската комисија, посветеноста на неколку организации од граѓанскиот сектор и перспективите од новиот Закон за јавно обвинителство, се единствените светли точки во реформските постигнувања на Македонија на полето на борбата против корупцијата и организираниот криминал во текот на 2019 и почетокот на 2020 година, покажува истражувањето на Фондацијата Метаморфозис во текот на април 2020 година, во рамките на регионален проект за добро владеење.
„Огромниот број предмети со кои се соочува Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и соработката со граѓанскиот сектор, покажува дека сега таа е столбот во општеството, особено за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Но, и покрај позитивните резултати, веројатно добиени и поради исклучително транспарентниот и иновативен начин на кои беа избрани членовите на комисијата во Собранието, недостасуваат многу други елементи за нејзина уште поуспешна работа“, се наведува во истражувањето.
Исто така се констатира дека Собранието не смогнало сили да ја усвои првата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2020-2024 година што беше изработена од страна на ДКСК, иако, како што се вели, таа е клучен стратешки документ. Покрај тоа, ДКСК се’ уште нема доволна поддршка во финансиски средства од државата за да ги пополни 30-ната слободни работни места неопходни да се засили нејзиниот административен капацитет, а унапредувањето на ИКТ поврзувањето со институциите се уште бавно се одвива.
На другите органи и институции надлежни за борба против корупцијата им остануваат исполнувањата на препораките од Четвртиот круг на евалуација од страна на ГРЕКО (Група на земји во Европа за борба против корупцијата), иако веќе се очекуваат до октомври 2020 и исполнување на препораките на Петтиот круг, кој се однесува на извршната власт, на полицијата и на јавното обвинителство, се наведува во истражувањето.
Има забелешки и за извршната власт, посебно во делот на правилата за вработување на лица ангажирани врз основа на дискреционото право на функционерите за советници или помошници, забелешки и препораки има и за полицијата, од која се бара деполитизација на системот на командна структура, транспарентност при трошењето на буџетот и многу поефикасна и внатрешна и надворешна контрола, а забелешки и препораки се дадени и за Јавното обвинителство, особено за Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција.
Истражувањето е изготвено согласно достапните податоци до крајот на април 2020 година, во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора.
Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.
