„Итно донесете ново продолжување на мерката (за привремен слободен увоз на смрзнато свинско месо н.з.) или некој вид трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка и итно поставете еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот без разлика дали се домашни или увозни“, рече претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо, Гоце Трајчев
На денешната прес-конференција тој подетално говoреше и за домашниот правилник за адитиви, нагласувајќи дека наместо мерки и активности од Владата за подобрување на условите, добиваат казни од Агенцијата за храна и ветеринарство. Според него, Агенцијата за храна за присуството на фосфати и полифосфати во месните производи ги контролира домашните компании според домашниот правилник, а увозните според оние што важат во соседството или во Европската Унија
Домашните произвдотители на месо и преработки од месо се наоѓаат во нерамноправа положба во однос на компании увознички од странство, пред сè од соседството, поради што оваа индустрија е доведена пред колапс, а компаниите размислуваат за селење на производствените капацити надвор од земјава.
За проблемите со кои се соочуваат и мерките што ги бараат од државата денеска на прес-конференција говореа претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо Гоце Трајчев и претставникот на Стопанската комора на Македонија, Васко Ристовски.

Она што ги мачи, како што наведоа се високите царински давачки за увоз на суровини и правилникот со кој се уредува присуството адитиви, односно фосфати и полифосфати во месните производи.
„Претставниците на оваа индустрија и досега укажуваа дека од важечките пред се царински давачки тие беа доведени во една крајно нерамноправна положба во однос на индустриите од увозот. Пред сè збoруваме за земјите од соседството. Готовите производи од надвор влегуваат со нула проценти давачки, додека домашните преработувачи при увоз на суровина и понатаму плаќаат од 25 до 35 проценти царина за суровината. Земјите од соседството немаат царина освен Србија каде што е 8 проценти, драстично помала, а најголемата конкуренција доаѓа од таму“,
рече Ристовски на прес-конференцијата.
Тој потсети дека Владата пред три години во редовни и нормални економски услови го согледа овој проблем со кој се соочуваат компаниите и донесе автономна мерка за привремен слободен увоз на замрзнато свинско месо за преработка со која донекаде се надмина тешката ситуација поради што цените се задржаа на исто ниво. Меѓутоа, како што кажа, мерката истече во јуни минатата година со објаснување дека веќе не може да се продолжи затоа што правилата од ЦЕФТА не го дозволуваат тоа.
Сериозен проблем за ова индустрија се очекува да бидат и најавените отворања на границите во рамките на процесите „Отворен Балкан“ и Берлинскиот процес. На овој начин, вели Ристовски, компаниите не само што се доведени во ситуација да ги затвораат своите капацитети туку размислуваат и за селење на производството надвор од земјата.
„Итно донесете ново продолжување на мерката (за привремен слободен увоз на смрзнато свинско месо н.з.) или некој вид на трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка и итно поставете еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот без разлика дали се домашни или увозни“,
рече претседателот на Групацијата за производство на месо и преработки од месо, Трајчев.

Тој подетално говореше за домашниот правилник за адитиви, нагласувајќи дека наместо мерки и активности од Владата за подобрување на условите, добиваат казни од Агенцијата за храна и ветеринарство. Според него, Агенцијата за храна домашните компании ги контролира според домашниот правилник за адитиви, а увозните според оние што важат во соседството или во Европската Унија.
Домашните компании се контролираат според еден, а увозниците според друг правилник
Како што прецизира тој, нашиот правилник дозволува учество на фосфати и полифосфати во преработките од 0,5 или 5 000 единици, а во сите соседни земји и во европскиот правилник е дозволено 0,8 или 8 000 единици.
„Има два типа на правилници – едниоит е правилник за барањата за квалитет на месо и производи од месо, а другиот е правилник за адитиви. Едниот, ако ја прашате Агенцијата, ќе ви кажат дека е усогласен, меѓутоа според нас тој е само препишан од европските, така што, кај нас моментално официјално толкување од лабораториите нема и нема да добиете и на секоја анализа добивате колку е учеството, а не и дали е дозволено или не е дозволено. Тоа толкување останува на инспекторите. Инаку во правилникот е 0,5 или 5 000 единици, меѓутоа во сите соседни земји и европските е 0,8 или 8 000 едници. Меѓутоа, за да ви појаснам, самото месо како природно во себе содржи фосфати и полифосфати и кај другите (земји) е направена разлика меѓу природни и додадени фосфати. Кај нас таква разлика нема и автоматски имаме лошо практицирање. Имаме отежнувања, забрани за пуштање во промет, забрана за производство. Домашните компании се контролирани според домашниот правилник, а увозните според европскиот“,
вели Трајчев.
На ова прашање се надоврза и Ристовски од Стопанската комора, кој посочи дека нашиот правилник не прави дистинкција од природни и додадени фосфати и прецизира дека во ЕУ и во соседството е предвидено не повеќе од 0,5 да бидат додадени и не повеќе од 0,3 да бидат природни фосфати во преработките од месо.
„Кај нас практично се држиме цело време на таа величина 0,5, но се третира како вкупна. Ние имаме земени податоци за производи од странски компании каде што има 0,57-0,54 и тоа е регуларно кај нас, меѓутоа домашна компанија која направила со 0,51-0,52 се казнува, се забрануваат цели производни групи итн., што сметаме дека не е во ред“,
рече Ристовски.
Одговарајќи на новинарко прашање Трајчев рече дека домашните месопреработувачки компании имаат капацитет не само да го задоволат домашниот пазар, туку имаат и сериозен капацитет за извоз.
„Капацитети за производство имаме за комплетно задоволување на домашните потреби, имаме и слободни капацитети за извоз. Немаме иста стартна основа. Тука е проблемот. Тука е и целото наше барање. Немаме иста стартна основа, немаме исти услови за да можеме да работиме во таа насока. Зошто? Затоа што ова што го бараме како намалување на царината, истата суровина што ние ја купуваме од исто место од Европа како што ја купуваат и сите други наши соседи, од каде што најчесто доаѓа увозот, кога ја увезуваат кај нив за преработка, таму царините се меѓу шест и нула проценти, а кај нас се над 20 проценти“,
истакна Трајчев.