Покрај точката за размена на мислења со претставници на нашата влада, Советот на ЕУ и ЕК за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, точки на дневен ред ќе бидат и владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупцијата, граѓанско општество и медиумите, енергетската криза и животната средина, добрососедски односи и регионална соработка и Извештајот за дијалогот „Жан Моне“
Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ денеска и утре ќе го одржи дваесеттиот состанок во Европскиот парламент во Стразбур.
Отворањето на 20. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ ќе биде од страна на европарламентарецот Андреас Шидер и пратеничката Соња Мираковска.
На состанокот ќе биде присутен и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој како што соопшти СЕП, ќе има обраќање по точката „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“.
Покрај точката за размена на мислења со претставници на нашата Влада, Советот на ЕУ и ЕК за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, точки на дневен ред ќе бидат и владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупцијата, граѓанско општество и медиуми, енергетската криза и животна средина, добрососедски односи и регионална соработка и Извештајот за дијалогот „Жан Моне“.
Претходниот состанок на Мешовититот парламентарен комитет се одржа во Скопје, на 28 и 29 јуни годинава.
Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно – еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент.