Според новата методологија, усогласувањето на пензиите се врши двапати годишно според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечната плата на сите вработени во државата, во висина од 50 отсто
Септемвриските пензии ќе се исплаќаат од 29 месецов. На експозитурите на банките ќе се исплаќаат по групи, додека преку банкоматите сите пензионери ќе може да ги подигнат од наредниот четврток.
„Со септемвриската пензија, пензионерите на крајот на месецов ќе добијат повисоки пензии за 6,8 отсто. Зголемувањето е направено согласно новата методологија одобрена во март годинава“,
велат од Владата.
За оние што не користат банкомат, подигањето на пензиите од експозитурите на банките ќе се прави според висината на пензиите и тоа:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.09.2022 година (четврток);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.09.2022 година (петок);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 03.10.2022 година (понеделник);
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 04.10.2022 година (вторник).
Зголемените пензиите според нова методологија е според договорот што беше постигнат во март годинава на преговорите помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и Владата од една, и здруженијата и Партијата на пензионерите од друга страна.
Тогаш беше договорено за месеците април, мај и јуни пензионерите да добијат по 1 000 денари месечно како финансиска помош, како и да почне да се применува нова методологија за раст на пензиите.
Ваквиот договор се преточи и во законско решение, кое во парламентот беше изгласано на 16 март.
„Со новата методологија добиваме решение каде што усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечната плата на сите вработени во државата, во висина од 50 отсто. Според ова, пензиите понатаму ќе се усогласуваат на 1 март и 1 септември, секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие“,
рече пратеникот од Партијата на пензионерите, Илија Николовски во дебатата во Собранието кога беа изгласани измените.