Тој посочи дека Кина сака да биде лидер во обликувањето на светот и оти за тоа се подготвувала со години. Според Мерц, во блиска иднина Пекинг би можел да биде на рамноправна основа со САД во воена смисла
Канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, на отворањето на Минхенската безбедносна конференција истакна дека во моментот се урива светскиот поредок заснован на правила.

„Заедно влеговме во ера која повторно е многу отворено обележана од моќта и политиката на големите сили. Пред сè, го гледаме насилниот ревизионизам на Русија, нејзината брутална војна против Украина, против нашиот политички поредок со секојдневни сурови воени злосторства. Значи, ова е само најпроникливиот израз што го гледаме секој ден. Гледаме и други настани во светот, кои се разликуваат од она што често го дискутиравме во оваа просторија“,
наведе Мерц.
Тој посочи дека Кина сака да биде лидер во обликувањето на светот и оти за тоа се подготвувала со години. Според Мерц, во блиска иднина Пекинг би можел да биде на рамноправна основа со САД во воена смисла.
„Кина систематски ги користи туѓите зависности и го редефинира меѓународниот поредок во своја корист. Ако по падот на Берлинскиот ѕид постоел униполарен момент, тој одамна е поминат. Правото на САД на лидерство е оспорено и веројатно изгубено. Враќањето на политиката на моќ, сепак не е само вкоренето во соперништвото меѓу големите сили, туку е и одраз на немирни, вознемирени општества во време на револуционерни промени. Тоа е израз на желбата, исто така и во многу демократски држави, за силно лидерство во глобализираниот свет во кој особено демократските држави се приближуваат до границите на нивната способност за дејствување“,
посочи Мерц.
Премиерот на Баварија и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер, на Минхенската безбедносна конференција наведе дека светот без трансатлантски врски е незамислив.
Претседавачот со Конференцијата Волфганг Ишингер наведе дека на трансатлантското партнерство му е потребна силна Европа, а тоа ќе се постигне ако се обединат европските нации повеќе отколку во минатото.
Според него, Минхенската безбедносна конференција никогаш порано не се соочила со толку истовремени фундаментални предизвици и крвави војни во Европа и во целиот свет.
