Според него, ниту САД ниту Израел не се консултирале со Германија пред да почнат да го бомбардираат Иран. Тоа значи, додава Мерц, дека никогаш немало дискусија за тоа дали германските трупи треба да бидат вклучени
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја исклучи можноста неговата земја да учествува во американско-израелските напади против Иран, пренесува Ројтерс.

„Немаме мандат од Обединетите нации, Европската Унија или НАТО, што е потребно според Уставот. Затоа, од самиот почеток беше јасно дека оваа војна не е прашање за НАТО“,
рече Мерц на прес-конференција во Берлин.
Според него, ниту САД ниту Израел не се консултирале со Германија пред да почнат да го бомбардираат Иран.
Тоа значи, додава Мерц, дека никогаш немало дискусија за тоа дали германските трупи треба да бидат вклучени.
„Затоа не се поставува прашањето како Германија би можела воено да се вклучи“,
кажа тој.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Трамп изјави дека земјите што имаат корист од испораките на нафта преку Персискиот Залив треба да помогнат во заштитата на водниот пат.
„Соодветно е оние што имаат корист од Ормускиот Теснец да помогнат да не се случи ништо лошо таму. Ако нема одговор, или ако е негативен, мислам дека ќе биде многу лошо за иднината на НАТО“,
рече американскиот претседател.
Според него, членовите на западната воена алијанса би можеле да придонесат со поморски средства како што се миноловци, кои Европа ги има многу повеќе од САД.
Во последните денови, Трамп ги спомена Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија како земји од кои очекува помош во Персискиот Залив.
