Струшкиот градоначалник вели дека досега не излегол во јавноста во интерес на процесите на правосудните органи што уследија по објавувањето на одлуката на Стејт департментот за кои вели дека ќе биде отворен и транспарентен
Една недела откако беше ставен на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, присвојување средства и мешање во судски и други јавни процеси, денеска се огласи струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Тој за последните случувања поврзани со него се одзва на социјалната мрежа Фејсбук, каде што ги наведува чекорите на кои се одлучил по ставањето на „црната листа“ од страна на Стејт департментот, а за кои веќе информира неговата партија ДУИ, но оставка од градоначалничката функција не е меѓу нив.
На почетокот од објавата Мерко ја истакнува важноста на сојузништвото меѓу Соединетите Американски Држави и С Македонија, кое, како што наведува, датира уште од времето на 28. американски претседател Вудро Вилсон, кој бил на функцијата од 1913 до 1921 година.
Мерко вели дека досега не излегол во јавноста во интерес на процесите на правосудните органи што уследија по објавувањето на одлуката на Стејт департментот, за кои вели дека ќе биде отворен и транспарентен.
„Од претседателот Вилсон до денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно остваривме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга. По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции“,
вели Мерко во својата објава на Фејсбук.
На крајот, тој им се заблагодарува на граѓаните кои го поддржувале низ годините, а не ја штеделе својата поддршка и изминатите денови.
„На крајот, сакам да му се заблагодарам на секој граѓанин за поддршката низ годините, но и поддршката што не ја штедевте и овие денови, за кои убеден сум дека ќе ги надминеме заедно, за да создадеме услови за подобар живот на стружани и за Струга што ја сакаме“,
порачува Мерко во објавата.
Во својот фејсбук-статус, Мерко објави и свои фотографии со американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, најверојатно направени за време на некоја од нејзините посети на општината.
Од Јавното обвинителство на РС Македонија денеска соопштија дека четворица јавни обвинители од републичкото обвинителство денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга, но и во Вишото во Битола, под чие подрачје спаѓа струшкото, за предметите што се поврзани со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
„Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Мерко заедно со неговото семејство пред една недела (на 20 јуни) беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, поради присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.
По ова и по реакциите во јавноста за непостапувањето на домашните институции, од Јавното обвинителство ги најавија денешните контроли со цел да се утврди дали имало нестручно постапување од обвинителите.