На прашањето дали стои на располагање да биде посредник за изнаоѓање решение помеѓу Русија и Украина, бившата канцеларка одговори дека тоа прашање во моментов не се ни поставува

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел (на функцијата од ноември 2005 до декември 2021) во општирно интервју за германската медиумска мрежа РНД рече дека можеби рускиот претседател Владимир Путин го чекал нејзиното заминување за да ја нападне Украина.
„Можеби моето заминувањето придонесе кон тоа, како што беа на пример, и изборите во Франција и повлекувањето на трупите од Авганистан, понатаму и застојот во преговорите од Минск“,
вели Меркел во едно од нејзините ретки појавувања во јавноста по повлекувањето од функцијата.
Во интервјуто таа вели и дека нејзиното влијание над Путин, непосредно пред да ѝ заврши мандатот, исчезнало.
„Беше јасно дека нема уште долго да бидам на власт и морам да признаам дека разни обиди за влијание минатата година немаа ефект“,
констатира Меркел.
Таа укажува и дека Путин лани не бил спремен на самит од т.н. Нормандиски формат, алудирајќи на состаноците помеѓу (Германија, Франција, Русија и Украина) од кои произлегоа и договорите од Минск во 2014 и 2015 година.
„Од друга страна не успав, покрај Нормандискиот формат, да воспоставам дополнителен европско-руски формат за разговори за европскиот безбедносен поредок“,
вели Меркел.
На прашањето дали стои на располагање да биде посредник за изнаоѓање решение помеѓу Русија и Украина, бившата канцеларка одговори дека тоа прашање во моментов не се ни поставува.
Во интервјуто таа зборуваше и зошто го преферирала рускиот гас пред останатите.
„Германската економија избра достава на гас преку цевководи од Русија, бидејќи беше економски поевтин од течниот гас од Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, а подоцна и од САД“,
рече поранешната канцеларка.
По склучувањето на договорите од Минск, додава Меркел, сметав дека Северен тек 2 е прифатлив.