Се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави германската канцеларка, на видеоконференција со парламентарците од европскиот континент
Северна Македонија се уште има шанси да ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ оваа година, во текот на германското претседавање со ЕУ, изјави канцеларката Ангела Меркел, на денешната видео-конференција со парламентарците од европскиот континент, објави Дојче Веле на македонски јазик.
Сепак, германската канцеларка рече дека тие се соочуваат со потешкотии во врска со одржувањето на меѓувладината конференција и дека се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Се соочуваме со потешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија“,
рече Меркел.
Албанија, како што рече, направи голем напредок, но особено е во прашање дали ќе успееме навреме со Северна Македонија, затоа што се уште постои потреба од преговори со Бугарија.
Подоцна, одговарајќи на прашање на пратеници, Меркел рече дека се надева дека Северна Македонија годинава ќе ги почне преговорите, додека Албанија ќе мора да почека.
„Во случајот на Албанија, прашањето е малку поинакво. И покрај напредокот, не можам да ветам дека тоа ќе се случи оваа година, но многу наскоро“,
рече канцеларката на виртуелниот состанок со парламентарните комитети на земјите членки на ЕУ.
Меркел пред парламентарците рече дека му се посветува големо внимание на регионот на Западен Балкан, и дека таму „има тензии, но има и напредок“. Според неа, Берлинскиот процес се покажал како добра иницијатива која дава резултати.