Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека има докази за обиди на руско хакирање насочени кон нејзината канцеларија.
„Јас искрено можам да кажам дека ми е лошо поради тоа. Секој ден се обидувам да имам подобри односи со Русија, а од друга страна има толку опипливи докази дека руските сили стојат зад тоа“,
рече канцеларката во своето обраќање пред Бундестагот.
Таа зборуваше за сајбер-нападот што беше насочен кон Долниот дом на германскиот Парламент и нејзината канцеларија во исто време во 2015 година. Во 2015 година, Бундестагот беше жртва на сајбер-напад што му се припишува на руската воена разузнавачка служба ГРУ.
Според германските медиуми, хакерите добиле лични податоци на сервисот за пораки на канцеларијата на германската канцеларка паралелно со сајбер-нападот врз Бундестагот.
Меркел рече дека истражителите идентификувале еден осомничен во тој случај.
„Ние сè уште го задржуваме правото да преземеме мерки, вклучително и против Русија“,
рече канцеларката нарекувајќи го обидот за напад скандалозен чин.
Ова е „целата стратегија“ што ја применува Русија, вклучително и искривување на фактите, продолжи Меркел.
Таа додаде дека во тој контекст, се разбира, не е лесно да се продолжи со обидот за градење подобри односи со Москва.