Во некои места, жителите гледаа со скепса на посетата на Меркел и одлучија да прават сендвичи за волонтерите наместо да ја проследат нејзината посета, јавува Дојче Веле
Бројот на починати од поплавите, само во Германија, се искачи на 156. Канцеларката Меркел изјави дека Германија „ќе и се спротистави на оваа сила на природата“ и повика на забрзана борба против климатските промени
Сопартиецот со амбиции да ја наследи Меркел, Армин Лашет, вчера беше снимен како се смее и шегува при посета на едно од погодените подрачја, зад грбот на сојузниот претседател Штајнмајер. Се извини за чекорот, но се чини дека скандалот сериозно му ги намали шансите да застане на чело на Германија
Германија веќе изброја 156 жртви од дождовите и невремето кое го зафатија претежно западниот дел од федерацијата. Извесно е дека таа бројка ќе биде многу поголема бидејќи стотици лица се уште се водат за исчезнати. На терен е војската, која помага во спасувачките операции. Волонтери од цела Германија доаѓаат во погодените подрачја за да му помогнат на локалното население.
И канцеларката, Ангела Меркел, денеска пристигна во дел од погодените подрачја по посетата на САД.
По пристигнувањето во градот Шулд, ја опиша ситуацијата во поплавените подрачја како „надреална“ и „застражувачка“. Се обврза дека брзо ќе биде доделена финансиска помош. Но и повика дека мора да забрза борбата против климатските промени.

„Германија е силна земја. Ќе и се спротиставиме на оваа сила на природата, на краток рок, но исто така и на среден и на долг рок. Мораме да побрзаме, мора да ја забрзаме борбата против климатските промени. Тоа што ни треба е политика која повеќе ја зема во предвид природата и климата отколку што тоа го правевме во изминатите години“,
изјави Ангела Меркел.
Сендвичи место Меркел
Додека спасувачките екипи се уште бараат преживеани, локалното население и волонтери од други делови на Германија помагаат во расчистувањето. Во градчето Шулд, дошле околу 200 фудбалски навивачи од Келн за преку викендов да помогнат со чистењето на ѓубрето.
Меркел и премиерот на државата Рајнска област-Пфалц, Малу Дрејер, ветија дека федералната и државната власт тесно ќе ги координираат активностите.
„Не можеме да го направиме ова сами. Важно е што германската канцеларка е овде денеска“,
изјави Дрејер.
Дојче веле, сепак, јавува дека дел од локалното население воопшто не било воодушевено од посетата на канцеларката Меркел. Одлучиле да прават сендвичи за волонтерите наместо да ја проследат прошетката на Меркел.
А канцеларката, при прошетката, разговарала и со дел од локалното население во Шулд.
„Има доза на скептизим овде“, известуваат репортерите на Дојче Веле. „Некои луѓе со кои разговарав рекоа дека посетата е повеќе за фотографирање пред избори, отколку настан кој всушност ќе донесе нешто. Други, пак, се среќни за поддршката. Сите велат дека би сакале поддршката да биде долгорочна“
Жителите околу реката Ар „заглавени“ од местоположбата
Централниот регион погоден од поплавите се ноѓа во Ајфел, регион со низок планински масив кој се протега низ Источна Белгија и Западна Германија и граничи со реките Рајна и Мосел. Во Германија, регионот Ајфел се протега во државите Северна Рајна-Вестфалија и Рајнска област – Пфалц.

Во нормални околности, овој дел од Германија е познат по прекрасните, живописни реки кои течат низ градовите. Но, тоа се реките кои ги срушија нивните корита, поплавувајќи цели села.
Силниот дожд во таков планински терен е особено опасен бидејќи водата се собира во долините и котлините, наместо подеднакво да се распростани. Токму тоа се случи во регионот на реката Ар, каде долината е особено тесна и секое нагло зголемување на водостојот не им остава многу време и простор на луѓето да се одбранат или да ги избегнат поплавите.


Погодените мали градови во регионот Ајфел живеат од туризмот. Економијата веќе беше погодена од ковид-19 пандемијата бидејќи драматично се намали бројот на туристи, па поплавите дополнително ќе го уназадат целиот регион.
Германската опозиција против „насмеаниот“ Лашет
Катастрофалните поплави, сепак, не ги прекинаа препукувањата меѓу политичките опоненти. Опозициските партии го нападнаа Армин Лашет, премиерот на државата Северна-Рајна Вестфалија, кој се надева дека ќе ја наследи Ангела Меркел на изборите во септември.
Кандидатот на ЦДУ беше снимен како прави шеги со своите помошници за време на посетата на едно од тешко погодените подрачја во Западна Германија.

„Начинот на кој Армин Лашет се шегува во позадина, додека федералниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер зборува со жртвите е чин без никакво достоинство и е нешто невидено.
Велат дека вистинскиот карактер на еден човек се покажува во време на криза. Лашет се дискфалификуваше себеси“,
изјави генералниот секретар на СДП за Билд.
Социјалдемократите (СДП), во моментов се во коалиција со партијата на Ангела Меркел (ЦДУ), но на претстојните избори во септември ќе се настапат сами. Однесувањето на потенцијалниот нов канцелар на Германија го критикуваа и други партии.
Лашет се извини за своето однесување.