„Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината“, велат од АД МЕПСО откако поголем дел од државата денеска наутро остана без струја
Граѓани од повеќето градови низ државава утрово останаа без напојување со електрична енергија. На социјалните мрежи луѓе од Скопје, Кочани, Прилеп, Гевгелија, Куманово, Гостивар, Тетово и други места се пожалија дека се разбудиле без струја

Ниската потрошувачка на електрична енергија за време на викендот е причината за прекинот во напојувањето со електрична енергија, велат од АД МЕПСО.
Оттаму додаваат дека има високи напони во мрежата во целиот регион, што влијаело и на нашиот систем и довело до испад.
„Денес во раните утрински часови дојде до дефект и краткотраен испад на 110 kV преносна мрежа. Причина за овој прекин се високите напони на 400 kV мрежа во целиот регион, што го афектираше нашиот систем и го предизвика краткотрајниот испад на енергетските трансформатори 400 /110 kV во трансформаторски станици. Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината“,
соопшти МЕПСО.
Од МЕПСО велат дека од настанување на испадот нивни екипите експресно реагирале и за околу еден час по прекинот го нормализирале напојувањето со електрична енергија во државата.
„Екипите на АД МЕПСО продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем. Дополнително, вреди да се истакне дека систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем оператори, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот, кој во минатото беше сериозно запоставен и неадекватно одржуван. АД МЕПСО и понатаму будно ја следи состојбата и се врши координација со преносните системи во регионот со цел да се обезбеди стабилност во системот и безбедност на корисниците со напојување со електрична енергија“,
додаваат од МЕПСО.
Инаку, граѓани од повеќето градови низ државава утрово останаа без напојување со електрична енергија. На социјалните мрежи луѓе од Скопје, Кочани, Прилеп, Гевгелија, Куманово, Гостивар, Тетово и други места се пожалија дека се разбудиле без струја. Дел од нив подоцна пишуваа дека напојувањето полека се нормализира, а дел дека сè уште се без струја.
И граѓаните и новинарите првично се обраќаа до ЕВН за да го пријават прекинот во напојувањето со струја, но и оттаму рекоа дека одговори треба да се бараат во МЕПСО.
Сепак, МЕПСО не кажа во кој период поточно, колку време, во кои места од државава имало прекин и каде сè уште нема струја. Според неофицијални и непотврдени информации, во еден период струја снемало во целата држава.