Од државното акционерско друштво нагласуваат дека во одлуката јасно стои дека се врши „резервација“ на средства, а не отпис или простување на истите, што, велат, се сосема различни термини кои мора да се разликуваат

Државното акционерско друштво реагира дека не е точно оти членовите на Управниот одбор простиле 14 милиони евра долг на приватни трговци со струја, туку велат дека истите пари биле резервирани.
„Невистинити се тврдењата дека Управниот одбор на АД МЕПСО отпишал, односно простил околу 14 милиони евра долг на свои должници, а сето тоа поткрепено во медиумите со исечок т. е. дел од одлука на Управниот одбор на АД МЕПСО, каде што јасно стои дека се врши ’резервација‘ на средства, а не отпис или простување на истите, што се сосема различни термини кои мора да се разликуваат“,
велат од МЕПСО.
Реакцијата од компанијата доаѓа откако Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска објави извештај за финансиското работење и усогласеноста за 2021 година на АД МЕПСО, каде што меѓу клучните наоди е дека од вкупно 15 милиони евра долг на трговци со електрична енергија, им биле простени 14 милиони.
Како што објавивме, станува збор за трговци кои решиле да ја користат балансната енергија од системот на МЕПСО бидејќи беше далеку поевтина од цената на берзите, која инаку не е предвидена за снабдување на стопанството. МЕПСО, пак, позајмуваше од Европскиот енергетски систем. Штом европската заедница разбра што се случува, ја предупреди земјава дека ќе плаќа огромни пенали.
МЕПСО, според Ревизија, во еден момент ги раскинува договорите со четири компании трговци со електрична енергија, со што им ја ускратува можноста за користење на балансна енергија и практично ги исфрла од пазарот со струја. Но, долговите останале. Како резултат на приклучувањето и користењето на струјата од државната компанија, МЕПСО од овие компании побарува 15 милиони евра. Во ревизорскиот извештај се нотира дека:
„Во услови кога се забележани тешкотии во наплатата на побарувањата, Секторот за финансиски работи доставил барање до УО на АД МЕПСО со предлог за нивна резервација. Со одлука на УО побарувањата биле резервирани, за што соодветно се евидентирани трошоците и извршен е отпис по пат на исправка на вредноста и истите се искажани како непризнаен расход во даночниот биланс“,
пишува во извештајот на ДЗР.
Покрај за ова, од МЕПСО реагираа и во врска со тоа дека во извештајот од ДЗР се нотира оти раководните лица на МЕПСО, т. е. директорите и членовите на Управниот одбор, имаат склучено менаџерски договори со кои им следува „апанажа“ во износ од просечната плата на МЕПСО (просечната плата во МЕПСО според ревизорите изнесува 70 000 денари месечно) во траење од 12 месеци по нивното заминување од функцијата, без разлика дали тие се вработени еден месец или повеќе години во Акционерското друштво. Со одлука која била донесена годинава, делумно се смениле критериумите, па така, за да добијат отпремнина, треба да бидат дел од раководството најмалку 6 месеци. Овие информации биле откриени од страна на ревизорите откако двајца поранешни функционери ја тужеле МЕПСО по овој основ, и како отштета на суд добиле околу 37 000 евра.
Во реакцијата од МЕПСО појаснуваат дека само на едното лице е исплатена отпремнина врз основа на правосилна пресуда, додека на другото тужбата била одбиена. Исто така, нагласуваат дека менаџерскиот договор во МЕПСО е ист како и во другите државни компании и акционерски друштва и оти правата на отпремнина се остваруваат само доколку им биде прекинат мандатот, пред неговиот истек, т. е. доколку мандатот им прекине пред истек на периодот од 4 (четири) години.
Во продолжение ја пренесуваме целосната реакција на АД МЕПСО:
„АД МЕПСО најостро реагира во однос на начинот на презентирање на информациите во медиумите по објавениот извештај на Државниот завод за ревизија, а кои во одредени случаи се ставени во несоодветен контекст, АД МЕПСО ја дава оваа информација за јавност.
Во интерес на објективно и целосно информирање на јавноста наместо половични информации и во дел од медиумите, додадени нестручни и паушални коментари, кои даваат поинаков тон за работата на компанијата, ги презентираме следните факти:
– Членовите на Управниот одбор на АД МЕПСО се избрани лица со мандат од 4 (четири) години, и како избрани лица кои имаат статус на менаџери тие во согласност со Законот за трговски друштва на РСМ имаа склучено Менаџерски Договори во кои се уредени нивните права, обврски и одговорности, се до траење на нивниот мандат. Како едно од правата кои го имаат членовите на Управниот одбор на Друштвото е и правото на отпремнина во износ од 12 месечни плати. , кои го остваруваат само доколку им биде прекинат мандатот, пред да истече истиот т.е. доколку мандатот им прекине пред истек на периодот од 4 (четири) години, за кој се избрани Впрочем вакви Менаџерски Договори имаа сите избрани лица (менаџери) и во другите државни компании т.е. Акционерски Друштва во државна сопственост. Оттаму, не се точни наводите кои се пласираат во јавноста дека членовите на Управниот одбор на кои им прекинал менаџерскиот договор пред истекот на мандатот земале отпремнина само за еден или неколку месеци директорување (како што тврдат дел од медиумите). Вистината е дека согласно склучените Менаџерски Договори членовите на Управниот одбор на кои им прекинал менаџерскиот договор пред истекот на мандатот, можат да стекнат право на отпремнина само доколку имаат најмалку 6 (шест) месеци остварен мандат како менаџер во АД МЕПСО. Исто така не е точно дека членовите на Назорниот одбор на АД МЕПСО земале отпремнини, бидејќи тие немаат Менаџерски Договори и такви права не им следуваат.
Во однос на тоа дека членови на УО ја тужеле компанијата и добиле отштета, го појаснуваме следното:
– двајца бивши членови на Управниот одбор на АД МЕПСО, на кои им бил прекинат мандатот пред истиот да им истече, поднесоа тужби за исплата на отпремнини согласно склучените Менаџерски Договори до Основниот граѓански суд Скопје. Само на еден од нив судот со правосилна пресуда му досуди отпремнина во износ од 12 месечни плати, но на другиот поранешен член на Управен одбор судот му го одби тужбеното барање, и таа одлука е правосилна.
Во однос на тоа дека во текот на 2021 год. и 2022 год. има судска постапка од поранешен генерален директор го посочуваме следното:
– станува збор за непроверена информација бидејќи името и презимето на поранешен член на Управен одбор кој го тужеше АД МЕПСО за отпремнина и судот го одби во тоа негово тужбено барање е исто со името и презимето на еден од подоцнежните членови на Управен одбор на АД МЕПСО кој ја вршеше функцијата Претседател на Управен одбор и Генерален Директор на АД МЕПСО, кој го нема тужено АД МЕПСО.
Во однос на делот кој се однесува на ТЕЦ Неготино, АД МЕПСО дообјаснува дека согласно законската обврска за обезбедување на ладна резерва, компанијата беше задолжена од законодавецот по овој основ да врши плаќање кон ТЕЦ Неготино, како законска обврска која предходно законодавецот му ја имаше дадено на АД ЕЛЕМ (сега АД ЕСМ).
Исто така невистинити се тврдењата дека Управниот одбор на АД МЕПСО отпишал, односно простил околу 14 милиони евра долг на свои должници, а сето тоа поткрепено во медиумите со исечок т.е дел од Одлука на Управниот одбор на АД МЕПСО каде што јасно стои дека се врши „резервација“ на средства а не отпис или простување на истите, што се сосема различни термини кои мора да се разликуваат.
Посочуваме дека ваквите написи во дел од медиумите фрлаат дамка врз успешното работење на Друштвото поради што сметаме дека во интерес на пообјективно информирање на јавноста е нужно потребна поголема соработка меѓу двете страни“.