Адвокатот Тони Менкиноски, кој инаку ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, вели дека Бугарија е во паника бидејќи може да се донесе одлука за нејзино исклучување од Советот на Европа поради непочитување на одлуките на Судот во Стразбур
Адвокатот Тони Менкиноски, кој доби забрана за влез во Бугарија до 2036 година, вели дека постојат повеќе механизми за оспорување на оваа одлука, и тоа пред Советот на Европа и Обединетите нации. Рече дека од Обединетите нации очекува силна реакција во врска со случајот, за кој се информирани и организациите „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнл“, како и властите во земјава.

„Ги информирав парламентот, Владата и Министерството за надворешни работи за да ги преземат соодветните чекори согласно својот мандат и овластување бидејќи да се стави црн печат на адвокат не се случило ниту во Нирнбершките процеси. Како адвокат ми се оспорува слободата на движење и правото за правична постапка“,
вели адвокатот во интервју за Сител.
Тој посочи дека во врска со случајот разговарал со премиерот, а искомуницирал и со министерот за надворешни работи и со претседателот на Адвокатската комора. Дополнително, како што рече, добил повик од претседателот на француската Адвокатска комора за застапување, од нивниот Оддел за човекови права, и од израелска адвокатска куќа од каде што изразиле подготвеност процесот да го изведат пред меѓународните институции.
Менкиноски, кој инаку ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, вели дека Бугарија е во паника бидејќи може да се донесе одлука за нејзино исклучување од Советот на Европа поради непочитување на одлуките на Судот за човекови права во Стразбур.
„Во април или почетокот на мај е Комитетот на министри – 46 членки на Советот на Европа ќе расправаат во врска со непочитувањето или неимплементирањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права за Бугарија. Бугарија е во паника бидејќи може да се донесе одлука за исклучување на Бугарија од Совет на Европа поради непочитување на столбот, на главниот столб, а тоа е Судот во Стразбур“,
рече адвокатот Менкиноски.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска изјави дека е многу загрижен и негативно изненаден од тоа како една земја членка на Европската Унија се однесува со наш граѓанин, кој имал една и единствена цел – да штити права на група граѓани пред европските институции.
